Се забранува движење околу воениот полигон Криволак до 31 декември
07.12.2020
Општина Неготино на својата официјална веб страница ги информира граѓаните дека во периодот до 31 декември се забранува секакво движење и престој на луѓе, моторни возила, стока, како и оставање на моторни возила, околу реонот на воениот полигон Криволак. Како причина за забраната е наведено дека ќе се реализира активност за аеро-фото снимање од воздух на армискиот полигон.
Командата на гарнизонот Криволак го информира месното население дека во периодот до 31 декември 2020 година ќе се реализира активност за аеро-фото снимање од воздух на армискиот полигон Криволак. Токму затоа, се соопштува на населението од општините кои гравитираат околу армискиот полигон во повеќе реони во наведениот период, дека се забранува секакво движење и престој на луѓе, моторни возила, стока, како и оставање на моторни возила во овие реони. Исто така, се забранува било какво земање или допирање на неексплодирани проектили или средства кои можат да бидат опасни по живот, а доколку се пронајдат такви средства, истите да се одбележат и да се известат надлежните армиски и полициски органи. Вежбалиштата на кои ќе се извршуваат активностите ќе бидат видно одбележани согласно законските прописи, како и обезбедени со физичко присуство, се вели во објавата.
Граѓаните на Општина Неготино минатата недела изразија загриженост, по повод најавите за уништување на 110 тони артилериски гранати кои беа пронајдени во Битола, а е планирано истите да бидат уништени токму на воениот полигон Криволак. Надлежните од Министерството за одбрана и Дирекцијата за заштита и спасување уверуваат дека уништувањето на гранатите нема да претставува закана и опасност по здравјето на граѓаните, како и закана по животната средина и биодиверзитетот на ова подрачје.
Мите Јаначков