Николов: Бараме бесплатен градски превоз за велешани и укинување на зонското паркирање во градот
Советничката група на СДСМ на денешната седница во Општина Велес ќе поднесе две нови предлог иницијативи. Првата се однесува на воведување на бесплатен градски превоз за сите граѓани во пазарните денови, вторник и петок. Според Марјанчо Николов, член на Совет на општина Велес, целта била во овој период кога цените се покачуваат, во пазарните денови, велешани да користат бесплатен превоз за да им се помогне барем малку во делот на подобрување на животниот стандарт.
-Во исто време, со ваквата одлука доколку биде усвоена од Советот, ќе се придонесе за заштеда на гориво, растеретување на сообраќајната гужва во градот, заштита на животната средина и подобрување на животниот стандарт на граѓаните. За спроведување на оваа одлука, нашите проценки говорат дека се потребни два милиони денари и истите предлагаме да се обезбедат од буџетот на Општина Велес од програмата ЕО – Општинска администрација, од програма ЕОО – ставка 42, стоки и услуги, односно контото 427 – привремени вработувања на којашто има три милиони денари. Со усвојување на оваа одлука, во оваа ставка, ќе останат еден милион денари додека два милиони денари ќе бидат пренаменети за доброто на граѓаните на Велес, додаде Николов.
Исто така, оваа советничка група, ќе поднесе уште една иницијатива за укинување на зонското паркирање во градот. Николов додаде дека подолго време барале да биде донесена но истата се уште не била ставена на дневен ред и не била усвоена од страна на Советот на Општина Велес.
-Се уште дел од нашите граѓани се во недоумица дали треба или не треба да се плаќа градскиот паркинг. Иако лицата коишто беа ангажирани да работат во делот на наплата на средствата од зонското паркирање повеќе не се во работен однос, нашите информации зборуваат дека граѓаните се уште пуштаат СМС пораки без притоа на паркинзите да се присутни лица коишто треба да се грижат за наплата на паркирањето. Од кога е престанат работниот однос на лицата во касата на ЈП„Парк спорт“ има прилив од околу 45.000 денари, додаде Николов.
Според советничката група на СДСМ, зонското паркирање во градот е потребно но во овој случај се покажало како не успешно. Николов додаде дека постапката била воведена набрзина, без доволна анализа со што придонело расходите за спроведување да бидат поголеми од приходите коишто биле остварени.
Стефани Манева