Се доопремува детската градинка „Детелинки“ во Велес за престој на нови 25 деца
Нови 25 деца, наскоро, ќе можат да престојуваат во детската градинка „Детелинки“ на ОУЈДГ„Димче Мирчев“ во Велес. Владата го одобри партнерскиот проект на Општина Велес и детската градинка вреден 514.657, 00 денари за создавање на услови за престој на нов број на деца кои чекаат на листата на оваа институција во Велес. Грантот на Владата е од програмата за детска заштита за 2022 година. Станува збор за програма која овозможува изградба на нови или проширување со опремување на постоечки капацитети на градинките.
-Финансиските средства се предвидени за комплетно опремување на една просторија во детската градинка „Детелинки“ и за згрижување на 25 дечиња. Со тоа градинката ќе обезбеди дополнителни капацитети во рамките на постоечките за да може да се премости проблемот со листата на чекање. Во моментов услугите од сместување ги користат 1.200 деца во шесте градинки во градот, рече директорката Маја Велиновска.
Според Велиновска, Општина Велес интензивно работи на надминување на проблемот со проширување на капацитетите на постоечките објекти со цел да овозможи упис на што поголем број на деца чии родители од поодамна покажуваат интерес за престој.
Во моментов, 45 деца се на Листа на чекање за престој во градинка само во градот Велес. ОУЈДГ„Димче Мирчев“ има шест градинки во Велес и уште две надвор од градот. Поточно седма во населено место Караслари во Општина Велес и осма во Општина Градско.
Убавка Јаневска