„Цивил“ прибира набљудувачи за предизборниот процес
Невладината „Цивил“ со отворен повик за набљудувачи на предизборниот процес. Денеска во Велес делеше флаери со содржина за тоа кој и како може да стане набљудувач со цел, на 5 јуни годинава, да се спроведат фер и слободни избори. Единствен услов што треба да го исполнуваат кандидатите за набљудувачи е поседувањето на човечки и морални квалитети, велат од организацијата. Тимот ќе се состои од над 180 набљудувачи, дел од нив долгорочни, додека поголемиот дел ќе бидат на избирачките места на денот на изборите.
„Многу е важно човекот што се кандидира за набљудувач да има човечки квалитети. Познавањето на материјата, квалифакициите и искуството се земаат во предвид но не се пресудни, пресудни се моралните квалитети на човекот, дали тој човек ќе биде посветен на работата, дали ќе биде објективен, потполно реален во своите работни задачи, бидејќи набљудувач не е професија, тоа е повеќе повик кој треба длабоко во себе да го чувствува секој кој ќе учествува на овој проект“, рече претседателот на „Цивил“, Џабир Дерала.
На сите совесни граѓани на Велес, „Цивил“ им нуди единствена можност да пријават и спречат какви било нерегуларности, закани и уцени во предизборниот период. Се што ќе забележат можат да пријават на нивната веб страница, или на телефон, но исто така можат да ги информираат и набљудувачите на терен.
„Новината на Цивил на овие избори е во тоа што многу се потпираме на нашите сограѓани и сограѓанки, впрочем како и во изминатите избирачки процеси. Граѓаните можат да бидат граѓански изборни набљудувачи. Тоа значи дека секој граѓанин со релевантна информација може да се вклучи во нашите активности во нашиот проект и да достави информации почнувајќи од овој момент за тоа како тече предизборниот процес, односно за сите закани, уцени за секое незаконско работење, непринципиелно и недемократско работење“, рече Дерала.
Секој набљудувач ќе биде распореден на друго место, различно од неговото место на живеење, со цел да се спречат какви било притисоци, велат од „Цивил“. По потреба ќе се составуваат и мобилни тимови кои ќе набљудуваат на цела територија на Македонија./Д.С