Уште една донација, од забавата на „Рековинст“, за опожарената куќа на Николче Александров
Над сто и дваесет гости во кафетеријата „Чао“ синоќа се одзваа на хуманитарниот апел на македонско- шведската фирма „Рековинст“ и донираа сретства за помош на велешанецот Николче Александров чија куќа минатиот месец изгоре во пожар. Граѓаните присутни на забавата собраа 6.300 денари во касата за доброволен прилог.
Менаџерот на „Реконвист – Македонија“, Мартин Стоев вели дека како општествено одговорна фирма имале намера да ја поттикнат локалната заедница да помогне во санирањето на домот на младото момче кое живее како сирак во градот, по загубата на двајцата родители.
„Секако дека и нашата фирма ќе донира сума на пари исто како и кафетеријата во која ја организиравме хуманитарната забава. Посакавме да му се најдеме на младото момче, да мотивираме млади луѓе да ја покажат својата хуманост и сите заедно да му покажеме на Николче дека не е сам во невољата што му се случи,“ рече Стоев.
Тој додаде дека интернет апликацијата „Реконвист“ наменета за забавни игри има и хуманитарен карактер затоа што по примерот во Шведска дел од приходите на деловните коминтенти кој ќе одлучат да се рекламираат ќе бидат наменети во хуманитарни цели./У.Ј