Андреевски си поднесе оставка – Давитковски именуван за в.д директор на велешката Гимназија
„Направивме многу добри работи, постигнавме високи резултати како на полето на образованието така и во областа на културата и спортот со што Гимназијата стана силен образовен фактор не само во градот туку и во државата. Училиштето создаде и современи услови за учење со подобрување на инфраструктурата во образовната институција“, напиша во оставката директорот на СОУ Гимназија „Кочо Рацин“, Сашко Андреевски. Таа е испратена до општина Велес и со неа тој по три и пол години директорување бара да биде разрешен од функцијата.
Андреевски додава дека на ваков чекор го принудиле Социјалдемократите од Велес кои во изминатите осум месеци му вршеле силен притисок поднесувајќи му преставки и кривични пријави.
„Тука морам да ја спомнам и смислената конструкција од страна на СДСМ чии членови смислено и неуморно два месеца работеа на тоа екскурзијата на учениците од трета година да ја добие Агенција која не победила на тендерот. Тие дури одеа и дотаму екскурзијата воопшто да не се одржи на штета на нивните деца и со цел да ја оцрнат Гимназијата, Општината и Градоначалникот“, пишува во оставката на Андреевски.
Неговата оставка денеска ја прифатил градоначалникот Славчо Чадиев и именувал вршител на должност директор на Гимназијата.
„На ден 12.07.2016 година директорот на СОУ „Гимназија Кочо Рацин” Велес, Саше Андреевски до градоначалникот на Општина Велес поднесе неотповиклива оставка. Имајќи ги во предвид законските одредби, денес,13.07.2016 година, за в.д. директор на гимназијата е именуван Славчо Давитковски“, пишува во соопштението за јавност.
Инаку Андреевски оставката ја поднесува неполни шест месеци пред да му истече мандатот. Тој останува да работи во образовниот процес со тоа што ќе се врати во основното училиште „Блаже Конески“ како професор по македонски јазик.
Иако во оставката не е спомнато, Андреевски претходно беше прозван и во случајот со гимназијалката Илина Димовска, ученичка која што заработи казна намалено поведение за напишан статус на ФБ во кој соопшти сопствени ставови во поглед на носењето на ученичката униформа за организиран културен настан надвор од училиштето. Тоа предизвика големо внимание кај целокупната јавност. Потоа нејзината казна беше повлечена.
Убавка Јаневска