Улицата Благој Ѓорев се претвори во тенеќе маало, обвинуваат дел од стопанствениците!
Општината замижува пред налетот на нелегалните објекти вели газдата на стоковната куќа Бос.
Алуминимски плочки ќе им поклонам на градежните инспектори, со иронија во својот глас вели сопственикот на стоковната куќа Бос, Илија Босилков. Гневен е што петнаесет години не може да ја добие битката, пред неговиот објект повеќе да не се испречуваат времените киосци. Вели дека главната градска улица наликува на тенеќе маало.
„Погледнете колку грдо изгледа. На едно метро од вратата на мојот трговски се наоѓа кебапчилница, па до неа киоск па пиљара. Јас немам ништо против тие да работат, но не во овие привремени несигурни објекти кои ми го затвораат влезот. Што ќе се случи ако се запали оџакот од скарата, малку ќе фали и јас да имам голема штета“, рече Босилков.
Дваесетина преставки напишал до Општина Велес, се обратил до премиерот и министерот за транспорт, но ништо не се променило. Проблемот го лоцира кај градежниот општински инспектор Зоран Мецанов за кој смета дека е најодговорен за да ги дислоцира времените објекти.
„Тие се нелегални, но тој не сака ниту да ме прими кај него во канцеларија и да ме ислуша. Јас имам храброст да му кажам во очи дека не си ја работи работата, но не може никако да се дојде до него. Тој е кум на човекот кој го има приземјето од мојот објект и мислам дека тука лежи причината што ниту ги дислоцира трафиките, ниту пак ми дава дозвола за да си доизградам магацин“, рече Босилков.
Иако Дума.мк се обиде да разговара со кираџиите во дуќаните тие не беа расположени да разговараат, туку се заканија дека физички ќе му се одмаздат на Босилков. Ниту од општината не добивме одговор иако градоначалникот Гора Петров најави дека ќе одговори на обвинувањата. Најпрозваниот, градежниот инспектор Зоран Мецанов не одговори на барањето за средба со него. Босилков пак уверува дека бизнисот му пропаѓа токму поради неажурноста на локалните власти. Тој вели дека секој месец плаќа данок од 350 илјади денари за објектот кој зафаќа 500 м2. Неодамна хрватски Вартекс бил заинтересиран да го купи објектот, но откако инвеститорите ги виделе бараките кои го нарушуваат изгледот се откажале, вели Босилков./Б.Н