Двајца велешани во македонската експедиција за искачување на Олимп!
Игор Смилев и Мане Манушев годинава по трет пат одлучија да се искачат на четирите врва на планината Олимп – Скала, Сколио, Митикас и Стефани. Тие се дел од експидицијата на планинарското друштво „Кораб“ од Скопје кое вчера замина за Грција. Вообичаено, секоја година во последната декада на месец јуни, македонските планинари се качуваат на Олимп како дел од подготовките на експедицијата која во август или септември го има искачувањето на највисокиот на Европа, Монблан.
– Стигнавме во кампот Евридики,под Олимп поточно на оддалеченост од само 6 километри од Лептокарија. Атмосферата е одлична, исто како и минатата година. Ова е македонски камп бидејќи е полн со туристи од Скопје, Битола, Струмица и од Велес. Се подготвуваме за првото искачување. Времето е топло и освен мисијата за која сме тука има доволно време за капење и сончање – рече Смилев.
Двајцата велешани трета година ќе ги искачуваат врвовите на Олимп. И годинава експедицијата има педесеттина вљубеници во природата и планинарењето од кои половината се професионални планинари.
– Очекуваме да имаме одмор од соништата затоа што имаме комбинација од планинарење и море. Неверојатно е чувството кога напладне си на Олимп на надморска височина од 2 915 метри, на врвовите Скала или Сколио, а попладне си на нула метри и се капеш во Егејското море. А оваа тура го овозможува сето тоа за неверојатни 55 евра мислам на сместувањето во кампот на база на полн пансион и вклучен превоз – рече Смилев.
И годинава експедицијата е составена од три генерации на планинари. Она што преставува куриозитет на ова традиционално искачување е најстарата жена планинар на друштвото „Кораб“, скопјанката Димитрина која на 80 годишна возраст го искаќува Олимп без да заостане зад помладите планинари. Планинарската експедиција во Лептокарија ќе престојува девет дена./Б.Н