Порцеланци уште ја чекаат ветената средба со директорот на Агенцијата за вработување!
Во петокот пропадна ветената средба на Порцеланци со Влатко Поповски. Тој бил на службен пат па неможел, како што вети, да дојде во Велес каде го чекаа поранешните работници на фабриката за порцелан и керамички плочки за да расчистат кој е во право, тие или Поповски.
Седумдесеттина поранешни Порцеланци, со решенија на Управниот суд, тврдат дека стекнале право на користење на надомест од државата до пензионирање или повторно вработување бидејќи фабриката била државна фирма кога отишла во стечај. Поповски смета дека тоа не било така бидејќи освен пресудата на Управен суд требало да се разгледаат и други документи.
Поранешните работници пред еден месец му дадоа 30 дена на Поповски за да ги разгледа сите документи и да ги направи сите потребни консултации за дилемата била или не, Порцеланка државна фирма, во времето кога отишла во стечај.
– Поповски беше на службен пат, сега е вратен и чекаме да ни закаже ден и час кога повторно ќе дојде во Велес. Тој ни вети дека за 30 дена ќе има конкретен став по дилемата. Ние сме сигурни во она што го тврдиме дека Порцеланка беше државна фирма кога се отвори стечајот. Ќе чекаме до четврток а потоа ќе вршиме притисок да ни ги издаде решенијата со кои ни се одобрува користењето на правото на стечаен надомест. Во колку смета поинаку нека ги потпише решенијата со кои не одбива да го користиме законски утврденото право а ние ќе поднесеме кривични пријави, – рече Ѕвонко Самарџиев поранешен работник на Порцеланка.
Последната средбата помеѓу директорот на агенцијата и поранешните работници на Порцеланка, се одржа на 31 мај, годинава. Тогаш се договорија повторно да се сретнат за еден месец./Б.Н