Македонските планинари подготвени за Монблан!
Планинарење, пешачење, трчање и пливање во девет дена на брегот на Егејско море и на планината Олимп. Велешаните Игор Смилев и Мане Манушев беа дел од македонската планинарска експедиција која искачувајки го највисокиот балкански врв Митикас ( 2918) се подготвуваше за искачување на највисокиот европски врв Мон Блан.
Tиe нема да бидат дел од планинарската експедиција која за 20-тина дена ќе тргне во остварување на европската цел. Но Велес ќе има свој претставник и тоа жена, затоа што годинава Монблан ќе го освојува Марија Хаџи Ристова.
– Таа вистински се подготвуваше во изминативе девет дена во Грција и ќе биде дел од македонската експедиција во која ќе ги брани боите на Велес иако е член на планинарските друштва Македон и Тврдокорни од Скопје затоа што таму живее и работи. Сите ние кои бевме дел од подготовките во Грција сега се обидуваме да и помогнеме околу обезбедувањето на финансиите.Пари се потребни и тоа за почеток околу 450 евра,- рече Игор Смилев.
Тој е презадоволен од подготовките и покрај тоа што се искачи само до планинарскиот дом на Олимп. Повредата на коленото со која се здобил е причина поради која двајцата велешани годинава не се искачиле на четирите врва на Олимп, Митикас (2913), Сколиос (2913) Скала (2893) и Стефани (2890). Но Смилев и Манушев биле дел од експедицијата која стигнала до кампот во Националниот парк Олимп.
– Олимп не случајно е митската планина која е магнет за илјадници туристи од цел свет. Него секојдневно го искачуваат во просек од 150 до 200 физички и психички добро подготвени планинари. Планинарскиот камп е вистинско место за одмор и рекреација во деновите кога таму се претстојува со мисија да се освојат четирите врва. Она што се доживува тешко дека може веродостојно да се опише, -рече Смилев.
Македонската планинарска експедиција составена од 20 члена била компактна и единствена како на планината така и во кампот Евридики, на брегот на Егејското море. Пешачење 12 километри по плажата било дел од подготовките на планинарите. Толку е оддалечен градот Лептокарија од кампот.
Во првиот дел се оди по потешко пристапни карпи и диви терени додека во вториот дел по песок. Ни беа потребни околу три ипол часа во еден правец. Значи се на се имавме подготовки и одмор од соништата кога ќе земеш во обзир дека за пет до шест часа од брегот на Егејот се качуваш на Олимп и за толку време си повторно на плажа, рече Смилев./Б.Н