Сонце и пехар за хуманост за младите волонтери на Црвен крст!
Млади а несебично посветени на сограѓаните и локалната заедница. Сите ја научиле животната лекција дека хуманоста е човечка доблест значајна кога некому треба да се помогне, особено на сиромашните луѓе чии живот го отежнува беспарицата. Волонтерите на Црвениот крст ја уриваат сликата и општиот впечаток во државата на незаинтересирани младинци за случувањата во нивните градови и региони.
Четириесеттина средношколци откриле два случаи на болни деца чии семејства не можат да го платат лекувањето, напишале проекти, ги поднеле во Црвениот крст на Македонија во програмата „Промоција на хумани вредности“ и тргнале во акција. Волонтерите мотивирале свои врсници да дојдат на хуманитарни концерти и спортски натпревари, организирале акции за собирање доброволни прилози, убедувале донатори и собраните сретства им ги подариле на семејствата.
– Му помогнавме на дете болно од церебрална парализа чии родители немаа пари за да го платат патувањето во Турција каде му беа направени испитувања. Второто дете имаше повреда на окото од куршум од ловечка пушка и требаше да се лекува во Скопје. За помошта што им ја овозможивме на овие сограѓани ние денеска го добивме пехарот и Сонцето на Црвениот крст на Македонија. Многу сме среќни – рече младинскиот волонтер Ангел Јорданов.
– И не само за најранливата категорија туку ние сме тука за сите наши сограѓани на кои им треба помош – рече Кристијан Милосавлевиќ. И тој е волонтер кој денеска беше присутен на официјалното предавање на наградата од страна на Црвениот крст на Македонија.
На свеченоста беа соопштени и останатите наградени младински организации на Црвениот крст во Македонија. Беа презентирани сите проекти со кои во изминатите девет месеци вкупно 1200 младинци на хуманитарната организација им помогнале на околу 2000 луѓе во државата. Дел од нив учествувале и со доброволна работа во изградба на куќа на сиромашно семејство.
– Ова се обучени млади луѓе, на возраст од 14 до 18 години, кои не добиваат пари туку сами ги обезбедуваат за луѓето што им требат. И работат без пари, волонтерски а менуваат нечиј живот. Младите од Велес се пример за тоа како се гради личноста,разбирање, толеранција и соживотот. И треба да бидат пример за останатите – рече Александра Ристовска, проект координатор на Црвен крст на Македонија.
Програмата Црвениот крст во акција – промоција на хумани вредности продолжува од есен. Таа на младите волонтери во Македонија им отвора нов простор за докажување и во исто време можност за помош на други граѓани./Б.Н