Порцеланци повторно извисија, Поповски не дојде во Велес!
Не се одржа средбата на поранешните работници на Порцеланка со директорот на Агенцијата за вработување на Македонија.
Влатко Поповски и денес не дојде во Велес исто како во петокот кога им закажа средба но беше на службен пат во странство. Триесеттина работници седеа и неколку часа го чекаа во дворот на Бирото за вработување со надеж дека можеби ќе се појави.
– Нашава работа ни изгледа како онаа на земјава во преговорите со Европската Унија, а како ги гледаме работиве што Грција и го прави на Македонија, јас го чувствувам дека тоа нас ни го прави Груевски во мало, рече Ѕвонко Самарџиев, поранешен вработен во Порцелака.
Веќе долго време седумдесетина поранешни вработени во порцеланка се обидуваат да ја убедат Агенцијата за вработување дека и ним по законот за стечајци им се следува месечен надомест, но неуспешно.
-Остануваме без пари, ако преживееме ќе ги трошиме ако не нашите деца, ова го говорам со иронија бидејќи еве јас страдам од тешка болест за која ми се потребни илјада и седумстотини евра, а во моментот кога ќе ги платам ќе имам шанси да живеам подолго. Сега се коцкам со мојата болест,рече Самарџиев.
Според агенцијата Порцеланка била приватна фирма кога отишла во стечај па поради ова државата не е должна да ги обештети овие луѓе.
Тие пак го тврдат спротивното и велат дека имаат цврсти докази дека на сите ним им следува стечаен надомест до пензионирање или повторно вработување.
Сега рекоа дека од Управниот суд ќе ги бараат решенијата со кои судот бара државата да си го преиспита ставот кога е во прашање велешка Порцеланка.
На раководителката на велешкото биро за вработување веќе и поднеле една кривична пријава затоа што ставила потпис на едно решение со кое е одбиено барање на еден работник за добивање на стечаен додаток.
Најавија дека ќе поднесат за секое наредно што ќе го добијат. /Б.Н