Жителите од населбата Порцеланка повторно бараа решение за пресушените чешми
Во екот на жешкото лето без вода за пиење се дваесеттина жители од велешката населба Порцеланка. Ги полнат кофите и бурињата од цистерна што два пати неделно им ја праќа ЈКП Дервен. Со неа се капат, перат алишта и мијат садови. Вода за пиење носат од населбата Оризари, од Превалец или од Велес. Првите две населби се оддалечени 2 километри а градот Велес од нив е далеку околу 5 километри.
– Петта година ова ни се случува па срамота е. Ние да немаме вода што сме на ниско додека имаат жители чии куќи се наоѓаат на ридовите во градот. Тубите и кантите во кои полниме вода од цистерните се со тиња а ние мораме да ја употребуваме, нема друга вода, рече жителка на населбата.
Овие граѓани живеат веднаш до фабриката Порцеланка. Таа веќе петта година не работи и затоа секнаа нивните чешми. Водоводот во населбата е споен со фабричкиот. Кога сопственикот на фабриката одлучи да ја исклучи струјата запре со работа пумпата која ја префлаше водата во цевките до населбата. Така секнаа чешмите во десеттина куќи во кои живеат овие граѓани во населбата Порцеланка. Денеска тие повторно дојдоа кај градоначалникот. Со Славчо Чадиев разговараат вторпат откако со поранешниот градоначалник не најдоа решение за нивниот проблем.
– Градоначалникот ни кажа дека проектот е направен и вети дека до крајот на годината ќе го реши проблемот со вода, па ќе видиме, рече жителка на населбата.
– Ако не го исполни ветувањето ќе биде како и претходните кои досега не лажеа, рече жителка на населбата.
За да стигне вода до населбата во која живеат овие граѓани треба да се постави нов цефковод од населбата Превалец до нивните домови. За тоа се потребни околу 2 милиони денари кои не се предвидени во буџетот на општината за годинава. Но, тие добија ветување од градоначалникот Славчо Чадиев дека за една година ќе го решел проблемот.
„Ќе видиме со вториот ребаланс на буџетот и каква ќе биде финансиската состојба на општината. Проектот се прави и откако ќе се направи, ќе ја утврдиме проектната цена и ќе пристапиме кон изградба на водоводот. Тоа што им ветив ќе исполнам, рече Чадиев.
Изјавата ја слушнаа жителите на Порцеланка потоа си заминаа дома надевајќи се дека ова е последна година на жед во населбата./Б.Н