Што ветиле, а што сработиле лани општинските власти, тема за кавга во велешкиот совет!
Власта многу вети, половина од тоа оствари, обвини на денешната седница опозицијата во велешкиот совет разгледувајќи како работела општината минатата година. Според СДСМ извештајот кој се најде пред советниците е нереален, а владеачкото мнозинство се обидува да сокрие дека она што го сработи во минатата година не е ни пола од она што предвиде.
„Сте ни дале извештај во која е впишана крајната сума на буџетот, наместо оној што беше првично предвиден и со кој власта се фалеше, но подоцна доживеа два ребаланси. Намерно или ненамерно власта се обидува да сокрие дека предвиде и вети многу проекти, а сега излегува на виделина дека не реализирала ни педесет проценти од тоа. Така граѓаните на Велес се надевале на многу проекти кој ќе ги решат нивните проблеми, а добиле малку“, рече Панче Иванов, член на совет.
За власта пак лошо е да се зборува за работи кои не ги интересираат граѓаните, бидејќи според неа тие се интересираат за реализираните проекти, а тие се многу велат советниците од ВМРО ДПМНЕ.
„Јас се согласувам дека треба да се подобри планирањето, но бидејќи имам увид и во буџетите на други општини, можам да кажам дека Велес најдобро планира и за тоа е наградена со највисок фискален капацитет, од реномирана странска финансиска институција. Годинава најмногу сме трошеле за капитални проекти и тоа е добро“, рече Елизабета Чуповска, член на совет.
Според опозицијата најголем дел од општинските приходи и расходи се за плати на администрацијата, со што уште повеќе се намалува процентот на пари кои биле одвоени за проекти. За власта работата на општината во 2013 година е најдобра до сега./Б.Н.