Привршува проценката на штетите од поплавите
Четириесетина велешки семејства пријавиле штета на земјоделски површини и домови од последните поплави што го зафатија градот. Станува збор за семејства кои живеат и поседуваат ниви долж течението на Вардар и на реките Бабуна и Тополка. Излевањето на водата од речните корита ги поплави нивните ниви со раноградинарски култури, но исто така на дел од нив водата им влезе во подрумите и во катовите.
Од локалната самоуправа велат дека комисијата привршува со проценките на штетите кај поплавените ниви и куќи. Проценетите штети ќе се разгледуваат на седница на советот, а потоа ќе бидат доставени до Владата.
Ова се само дел од граѓаните кои претрпеа штети од поплавите и ги пријавија кај надлежните во локалната самоуправа. Останатите воопшто не ги пријавиле своите штети, бидејќи лошото искуство од изминатите години кога се соочиле со неисплатена штета, ги спречило да го направат тоа. Од општината пак велат дека освен ургенција кај државните институции, ништо друго не можат да сторат./Д.С