Верските обреди во Повардарската епархија по стари цени
Нема корекции на цените на услугите на Повардарската епархија. Верските обреди како крштевка, погреб и венчавка се наплаќаат по стари цени. Во Велес еден погреб на двете цркви и на гробиштата кај Раштани чини 3.200 денари.За крштевка православните граѓани треба да платат 3.500 денари, додека најсвечениот чин во храмот, венчавката, се плаќа 5.400 денари.
Непроменети остануваат и цените односно црковните такси за кревање панагија за слави и тие се движат од 250 до 400 денари, додека парастосот се наплаќа по 700 денари. Измени на цената има само кај црковните свеќи. Во верските храмови повеќе не се продаваат свеќи од два и три денари. Такви повеќе не се произведувале, велат од епархијата. Најефтината свеќа сега чини пет денари.
МПЦ деновиве го објави новиот тарифник на услугите, кои владиците го донеле уште во почетокот на минатиот месец. Услугите поскапеа од 500 до 1.000 денари. Од МПЦ велат дела покачувањето на цените било од економски причини. Новиот ценовник веќе се спроведува во некои епархии. Така на пример во скопската епархија крштевка се наплаќа 4.000 денари, за венчавка со еден свештеник 6.000 денари додека со тројца свештеници 7.000 денари. Во оваа епархија погребот чини 3.000 денари. /Д.С