Дваесет и петата генерација на доброволни војници даде заклетва во Гарнизонот во Велес
Електротехничарот Стојан Крстов од Куманово и студентката на факултетот за психологија Анисија Павловска од Скопје се двајца од вкупно 165 војници доброволци во дваесет и петата генерација на АРМ. Тие по свечената заклетва ги соопштија своите причини зошто одлучија да бидат дел од доброволниот состав на македонската армија.
„Од секогаш ми било предизвик и чест, уште од мала да и служам на мојата татковина. Тука сум и веќе се привикнав на раното станување на утро и легнување навечер,“ рече војник Павловска.
„Од секогаш сум ја сакам униформата, да бидам бранител на Република Македонија, да бидам дел од составот на АРМ, луѓето кои стојат зад вратите на безбедноста на нашата држава. Во велешката касарна сум единаесет дена и веќе се исполнети моите очекувања, се е организирано како под конец, легнување и станување потоа обука, поточно се како што треба да биде. Откако ќе ја завршам обуката се надевам дека ќе успеам да влезам во составот на професионалните војници,“ рече војник Крстов.
Првите честитки по заклетвата Павловска и Крстов ги добија од своето семејство. Бабата на Анисија, Благородна Миновска била само еден од поддржувачите на внуката да ја донесе одлуката и да застане рамо до рамо со војниците мажи во составот на АРМ.
„Ова се солзи радосници. Горда сум, ја бодрев од самиот почеток и еве денеска сум тука за да покажам дека секогаш ќе ја има мојата поддршка,“ рече Миновска.
Таткото на Стојан, со солзи во очите раскажа како е горд што ова е неговиот втор син кој и служи на татковината.
„ Пред петнаесет години мојот постар син беше доброволец а сега и помладиот. Ја има мојата поддршка да стане дел од професионалниот состав на армијата. Денеска јас се потсетив и на времето кога јас служев војска а тоа беше пред четириесет години,“ рече таткото Раде Крстев.
Претходно сите 165 војници доброволци, во 25 генерација во која има 12 жени, дадоа свечена заклетва. Пред нив и родителите министерот за одбрана Зоран Јолевски рече дека треба да се чувствуваат горди затоа што направиле вистински избор во животот.
„Да се поминат три месеци во Армијата е школа од непроценлива вредност. Војниците во овој период ќе се здобијат со многу знаење и вештини кои не само што ќе им помогнат да ја бранат својата татковина туку и да бидат подобри личности,“ рече министерот Јолевски.
Тој денеска задоцни триесет минути и за толку време беше поместена свечената заклетва. Од името на Командата за обука во гарнизонот во Велес, каде доброволците во наредните три месеци ќе ги совладаат војничките вештини, им се заблагодари командантот на Команда за обука, Љупчо Костовски.
„Со вашето совесно и дисциплинирано однесување треба да допринесете во градењето на цврсти меѓучовечки и меѓуетнички односи. Армијата е заедничка вооружена сила на сите граѓани на Македонија и тука нема место за етничка, партиска, верска или која било друга подвоеност,“ рече Костовски.
Досега во Центарот за индивидуална обука на АРМ во велешкиот гарнизон се обучија над 4 илјади војници. Голем дел од нив станаа професионални војници а некои од нив учествуваа и во меѓународните мировни операции низ светот./У.Ј