Ќе се уредува старото градско јадро на Велес
Стариот дел на Велес ќе добие нов лик. На потегот од Железен до Стар мост на површина од 33 хектари ќе се дефинираат нови содржини предвидени со изградбата на новиот современ затворен пазар. Тој ќе се гради на старото место на Градскиот пазар.
Во уредувањето и дефинирањето на просторот, според планот, предвидено е да се изградат и нови објекти како деловен и административен простор, а се планира да се изгради и паркин простор за потребите на целокупниот комплекс. Генералниот урбанистички план предвидува и дефинирање на содржините на автобуската станица, беше речено на денешната јавна расправа.
„По јавната расправа се врши подготовка на планот кој потоа оди на седница на совет каде ќе се дефинира и советот треба да даде виза за изработка на планот. Потоа општината ќе направи јавен повик за да ја види заинтересираноста на приватните партнери за реализирање на овие нови содржини. Изградбата на затворениот пазар ќе се реализира преку јавно- приватно партнерство, рече раководителот на правна служба Елизабета Јовчевска.
Уредувањето на двата урбани блока во старото градско јадро предвидува разубавување на просторот и интересни содржини за граѓаните на Велес. Според Урбанистичкиот план просторот ќе го надополнуваат и станбени згради, но не е прдвидено изградба на катни гаражи. Според фирмата која по барање на општината го изготвува Генералниот урбанистички план нема да има промена на сообраќајниот режим во тој дел на градот. /Д.С