Општината ќе распределува дел од просторот што го поседува на невладини организации
Четири деловни простории во Домот на невладини организации, во Дворови, потоа канцеларии во објекти на четири урбани заедници, во зградата на Синдикат и уште во неколку други објекти низ градот ќе имаат можност бесплатно да ги користат невладини организации и фондации во Велес. Сите тие се општински имот. Нема да плаќаат кирија туку комуналии и ќе имаат обврска да се грижат за хигиена и одржување на просторот.
За распределбата на канцелариите ќе има јавен повик на кои граѓанските организации и фондации ќе можат да конкурираат. Тие ќе треба да исполнуваат одредени условите поточно да имаат членови и активности. Комисија составена од членови на Советот и правната служба на општина Велес подготвија критериуми за распределба. Тие денеска разговараа со претставници на граѓанските здруженија и асоцијации.
Претставниците на Советот на општината ги слушнаа ставовите и размислувањата на дваесеттина присутни претставници од различни невладини организации. Најголем дел од нив побараа бројот на членови да не биде еден од главните критериуми за добивање на бесплатен простор. Се повикаа на Законот за граѓански здруженија според кој организација се регистрира со минимум пет члена. Дел од нив соопштија дека работат со деца кои не можат да ги прикажат како членство.
Исто така беше побарано општината како досега да продолжи да ги плаќа комуналиите и на тој начин да го помага граѓанскиот активизам бидејќи најголем дел од здруженијата работат на проекти, без хонорари и плати па имаат трошоци за струја и вода кои не можат сами да ги подмират.
Советникот Петре Саздов рече дека на денешната средба имале за цел да разговараат и да ги слушнат размислувањата на претставниците на граѓанските здруженија околу критериумите и начинот на распределба на општинските простории. Тој посочи дека наскоро деловниот простор јавно ќе биде објавен и за него ќе може да конкурираат сите заинтересирани здруженија ./У.Ј