Студенти почнаа да учат граѓански активизам
Благодарение на професорите, кои сакаат на овој начин да го поттикнат граѓанскиот активизам кој е очигледно курцијално општествена движечка сила за поквалитететен живот и општество, од неодамна познатиот активист Игор Смилев држи предавања пред заинтересирани студенти. На овој начин дел од професорите имаат за цел на студентите да им ги доближат позитивните примери на граѓанска пракса кога партнери се невладини организации, активисти и локална самоуправа. Смилев ги запознава студентите со случајот „Велес“ и извојуваната еколошка битка на велешани против загадувачот.
„Овој случај најпластично го објаснува почетокот на активизмот, на една коалиција или неформално здружение кое подоцна коалицира со општина и потоа заеднички настапуваат на трет фронт или против институциите на системот. Тоа е таа приказна која студентите ја слушаат и со нивни вокабулар не нарекуваат експерти по пракса. Дефинитивно студентите лутаат низ просторот и времето, значи се обременети со регулативата и формата што ја учат но, се далеку од суштинските проблеми на граѓаните. Токму случајот Велес покажа дека нема недопирливи и големи но и дека нема мали, обични луѓе туку луѓе кои веруваат во цел и искрено се борат за неа,“рече Смилев.
Оваа е само една граѓанска приказна која потврдува дека и малите луѓе можат да уриваат планини со големи или високи врвови вели Смилев кого студентите најчесто го прашувале од каде таа сила во него да им се спротивстави на магнатите, како ги надминал проблемите со приватната кривична тужба што му ја поднесоа, како Зелената коалиција на Велес успеа да изнесе на улица 20 илјади граѓани, како се создаде и како растеше како граѓанска сила.
„Конкретниот пример сакаат да го имплементираат во Битола со загадувањето на градот, во Штип поради се поголемото урбано загадување, во Тетово како да ги убедат градоначалниците, за кои сметаат дека немаат еколошки сенс за да формираат формално тело кое по афторитативно ќе се бори против загадувањето,“ рече Смилев.
Студентите пред предавањето го гледаат антологискиот култен филм „Велес капут“ и потоа несомнено по таа тажна приказна следува бурна дебата, додава Смилев. Така студентите дошле до констатација дека партискиот се обиде или делумно го уништи граѓанскиот, средношколскиот и студентскиот автентичен активизам. Оваа теза студентите ја поткрепуваат со свои размисли а најавтентична е секако таа во која правејќи разлика го соопштиле и ставот, кој Смилев го пренесе, и во кој констатирале дека партискиот активизам е препознатлив по тоа што работиш за во иднина нешто да добиеш додека граѓанскиот активизам е препознатлив по тоа што работиш без да очекуваш награда или придобивка. Бенефит од него има заедницата поточно поголема група на граѓани.
Досега Смилев одржа предавање на дисперзираните студии по право во Струмица, во Гимназија „Нова“ и сега уште на друга студиска година во Струмица и на Факултет во Битола. /У.Ј