Фатен арамијата кој ги ограбувал велешките цркви и извршил повеќе тешки кражби во домовите на велешани
Крадел пари од цркви, обивал влезни врати и влегувал во куќите и од таму земал разни предмети од домаќинство, техничка стока, а успеал да украде и дел од инвентарот на Базен „Снупи“. Полицијата го фати дваесет и четири годишниот Н.Д од Велес и против него поднесе кривична пријава за шест тешки кражби и една кражба, но исто така тој ќе одговара и за уште осум кражби за кои се гони по приватна тужба од оштетените граѓани. Кражбите ги извршил во јануари годинава и тоа за период од само една недела.
Насилно влегол во црквите Св.Пантелејмон и Св. Богородица, ги скршил влезните врати а потоа и дрвените каси и од двете цркви украл осум илјади денари. Со употреба на подесен алат ги кршел катанците од влезните и подрумските врати и влегол во три куќи и една продавница. Од таму си земал најразлични предмети од техничка стока, пари до предмети од домаќинството. Успеал да влезе и во базен „Снупи“и таму да направи материјална штета одземајќи маси, столови и компресор за вода.
Украдените предмети дваесет и четири годишниот Н.Д. му ги продавал на друг велешанец, а тој пак истите предмети ги продавал како старо железо во отпадите во Скопје. Со кражбите тој направил материјална штета во висина од 102 илјади денари. На оние граѓани пак кои го гонат со приватна тужба им нанел материјална штета од 40 илјади денари.
Ова не било прв пат велешанецот родум од Струмица да биде пријавуван за вакви дела. Во неговото полициско досие регистрирани се бројни тешки кражби и кражби./Д.С