Маја Ријавец и Маја Модријан од Словенија обучија Македонки да создаваат еколошки производи од отпад по еколошки стандарди
Креативни, инвентивни и трпеливи, вака двете словенечки обучувачки Маја Ријавец и Маја Модријан ги опишаа жените од Вардарскиот регион кои учествуваат во проектот на Фондација „Фокус“ за економско јакнење на жените. Од два вида на отпад, оној кој го создаваме во домовите и оној од индустријата ги обучуваа да направат предмети за употреба кои ќе бидат интересни не само за нив туку и за широкиот пазар. Според обучувачките, македонските жени се исклучително талентирани, имаат свои техники во работата, но и што е најважно имаат трпение за рачната изработка,исклучително тешка за создавање. Секакои со висока оценка ја оценија желбата на креативните Македонки да научат нешто ново и повеќе.
„Жените имаат големо знаење во традиционални техники и големи потенцијали, добро е што на овој начин преку работилниците се поврзуваат и надополнуваат меѓу себе, да го споделат своето знаење и да учат една од друга. Ние сме воодушевени од тоа колку овие жени знаат голем број техники и колку имаат трпение за овие мали рачни изработки така да има голем потенцијал во нив. Мислиме дека овој проект е одличен и им овозможува да направат не само традиционални предмети туку и да ги комбинираат и да ги направат достапни за туристи. Тоа значи да ги продадат. Убаво е тоа што се спојува традицијата со денешно време и може да биде употребливо и корисно за луѓето,“ рече Маја Модријан.
Она што осум години го работат во Словенија, Ријавец и Модријан, на тридневната работилница им го пренесоа на жените од Македонија. Не само што им презентираа нови техники за изработка на предмети од рециклиран материјал туку им покажаа дека отпадот не се фрла бидејќи од него можат да се создадат предмети за секојдневна употреба. Жените на обуката и низ работилниците научија како можат да направат ранци од стара церада, торби од картон или платно за реклама на билборд , торби од скршени и неупотребливи чадори, накит и уште многу други предмети. Притоа особено важно е да се запази и еколошкиот стандард.
„Некој што ќе купи производ создаден од овие Македонки, исто така, треба да знае од што тој производ е направен , дека е добар за животната средина. Нам во Словенија екологијата ни е многу важна и кога ги изработуваме нашите производи навистина сме свесни за тоа дека со тоа што правиме не сакаме да создадеме нов отпад. Свесни сме дека не треба да се употреби лепак и сите материјали кои ги користиме треба да се еколошки исправни“, рече Маја Ријавец.
Обучувачките им порачаа на жените ако сакаат да успеат во она што го работат потребно е тимски да работат.
„Тоа е важно бидејќи една жена може да има потенцијал и желба да плете ама не знае како да го продаде својот производ, но друга жена пак можеби нема трпение да плете ама знае како да го продаде. Третата можеби е многу инвентивна и кретаивна и да рече тоа е традиционално но, јас можам да го сошијам или вклопам во некоја гардероба и ќе биде модерно и интересно за сограѓаните или пак за туристите. Важно е да го здружат своето знаење и да работат заедно бидејќи мислам дека тоа е најважно за успех“, рече Модријан.
„Овие жени треба да се горди на својата традиција и кутура и да умеат тоа да го исцрпат од себе и да го преточат во некаков производ кој ќе можат да го презентираат и продадат. Нека не биде Америка, на пример каде што посакуваат да одат и да заработат туку тоа да го направат овде во својата земја“, рече Ријавец.
Со помош на проектот на Фондација „Фокус“ и словенечката ИРД, овие жени, имаат можност да ги развијат своите вештини, да ја збогатат креативноста и она што ќе го произведат да го продадат на пазарот и да заработат. Токму тоа го препозна и донаторот, министерството за надворешни работи на Република Словенија кога го одобри грантот во висина од 80 илјади евра./Д.С