Цената на јагнешкото и годинава ги шокираше граѓаните
Без вапцани јајца и јагнешко месо не може да се замисли трпезата за време на Велигденските празници. Тие се карактеристични за овој голем Христијански празник, па велешани на две недели од празникот се подготвуваат колку што можат да ја наполнат трпезата и да го рослават со своето семејство.
Но беспарицата и годинава е главен проблем за граѓаните, длабочината на џебот не им дозволува да се опуштат и достоинствено да си го направат традиционалниот Велигденски ручек. Цената на јагнешкото месо и годинава ги шокираше, еден килограм чини од 320 до 360 денари. Дека е многу скапо признаваат и касапите во месарниците.
„Скапо е и ние сме свесни за тоа, ама што да правиме и ние го набавуваме скапо, а жива мера е 170 денари. Тие што имаат подлабок џеб купуваат по две три килограми, оние со понизок буџат го избегнуваат. Само ќе прашаат колку чини и се враќаат. Морам да кажам дека од година во година се помалку се продава јагнешкото месо, рече касап.
Велешани застануваат пред излозите на месарниците каде е изложено јагнешкото месо, но кога прашуваат за цената, најголем дел од нив се изненадуваат. Велат ќе купат барем малку колку да го одбележат празникот.
„Тешко дека ќе купам јагнешко и годинава. Дури не се сеќавам кога последен пат сум купил. Многу е скапо и не можам да купам.“
„Пред десет години купив а за другите десет не верувам дека ќе купам оти џебот ми е „сув“.
„Какво јагнешко, може само јагнешка глава ако има да купам, за месо нема пари, а не верувам дека и во иднина ќе има. Тешко, од ова потешко не може да биде. Ќе си вапцаме десетина јајца и така ќе го одбележиме Велигден“.
„Ја земав пензијата па ќе купам еден килограм за празникот. Инаку досега не сум купила, многу е скапо и не можам да си дозволам да купувам“.
И покрај нискиот стандард, граѓаните купуваат јајца за Велигден. Нешто поскапи од лани, цената на табла јајца се движи од 160 до 220 денари. Во продавниците веќе се изложени и разните бои за јајца.
Ако на велигденската трпеза го нема јагнешкото месо, барем ќе ги има вапцантеи јајца кои го симболизираат Христовото Воскресение./Д.С