(ОБНОВЕНО) Целосното расчистување на патот ќе трае подолго време но, една коловозна лента е оспособена за сообраќај
15:06 Двете машини на ЈП „Македонија пат“ на подружниците Автопат и Велес успеаја да расчистат една коловозна лента од одронот на патот Скопје – Велес. По неа ќе може да се одвива сообраќај. Ова се последни информации од велешката подружница на јавното претпријатие.
Од таму очекуваат дека за краток временски период ќе се расчисти метежот на патот и сообраќајот ќе се нормализира. Големиот одрон, што некаде околу 11.30 часот се свлече на двете коловозни ленти, кај манастирот „Свети Јован“ беше причина за неколку часовниот застој на сообраќајот. Се до сега на патот чекаа стотици возила и се создаде неколку километри долга колона. Меѓу нив имаше и патници и возачи од Велес. Дел од нив, кој се јавија и побараа информации, беа во близина на Катланово./У.Ј
12:45Машина за расчистување на големиот одрон на патот Скопје – Велес тргнала од базата на ЈП „Македонија пат“ на подружницата Автопат и за кратко време ќе биде кај Манастирот „Свети Јован“. Во расчистувањето ќе помага и машина на велешката подружница на јавното претпријатие кое во моментов ги договара поединостите со полицијата за да може втора машина за расчистување да стигне на местото на одронот од велешка страна.Патниците кои се заглавени во долгата колона со возила можат да го користат стариот пат за Велес. По него до Велес веќе стигнал автомобил со патници, соопшти раководителот на ЈП „Македонија пат“, Томе Јаневски.
„Одронот е голем, чистењето ќе биде подолготрајно затоа еден совет до патниците наместо да вртат преку Куманово и Свети Николе до Велес еве можат да го користат стариот пат кој е прооден и безбеден за возење,“ рече Јаневски.
Инаку повеќе велешани со автомобили се заглавени во десетина километри долга колона на патот Скопје – Велес. Тие велат дека стојат час и половина на патот, во близина на Катланово, без информации за причината на застојот на сообраќајот.
Од возилата кои биле понапред во колоната стигнала до нив информација дека на патот има голем одрон но никако да разберат до кога земјата ќе биде расчистена од патот, велат овие возачи и патници за Дума.мк.
„Час и половина стоење во место без информација дали навистина причина за застојот на сообраќајот на патот Скопје – Велес е голем одрон и до кога ќе стоиме во место. Поточно ќе биде расчистен за одредено време или да се враќаме назад за Скопје па преку Куманово и Свети Николе да дојдеме до Велес,“ рекоа овие патници./У.Ј