Бојкот на наставата на дел од класовите во велешката Гимназија
Средношколците нема да присуствуваат на часовите, но не го напуштаат училиштето. Наместо настава тие ќе одржат воншколски активности, ќе се дружат меѓу себе преку разни друштвени игри, карти, шах, табла и сл. Со бојкотот тие им се придружуваат на своите врсници од Скопје, Куманово и Тетово и велат дека иако не се единствени не отстапуваат од своите барања.
„Освен тоа што бараме да се укине екстерното тестирање и да се врати стариот концепт на полагање матура, причина за нашиот бојкот се и застарените учебници од 2002 година, учиме податоци уште од претходни години, имаме непрофесионален наставен кадар како и непотребни предмети и непотребни информации во предметите“, рекоа од Средношколскиот пленум.
Гимназијалците од Средношкиолскиот пленум имаат индиректна поддршка од професорите бидејќи како што велат и тие се подложени на разни притисоци. Но најмногу се жалат на претставниците од Унијата на средношколци кои им се заканувале дека ќе ги пријават во детската амбасада „Меѓаши“.
„Не обвинуваат дека сме партиски организирани и злоупотребувани од страна на Социјалдемократскиот сојуз, што тотално е невистина бидејќи ние уште на почетокот се деклариравме дека сме надпартиски, надрелигиозни и наднационални како средношколска организација. Едноставно не понижуваат и не претставуваат пред јавноста дека сме исполитизирана организација. Ние сме само средношколци и никој нас не ни диктира што да правиме“, рече средношколец.
Во бојкотот на Средношколскиот пленум од Велес се придружуваат и средношколците од стручното средно училиште „Коле Неделковски. Тие остануваат доследни на своите барања за средба со министерот за образование и наука./Д.С