Мозочните удари најчеста причина за смртност на граѓаните од Вардарски регион
Кардиоваскуларните и циркулаторните се најчестите болести од кои страдаат граѓаните на Велес. Минатата година од овие болести заболеле 24 проценти од населението. На второ место се респираторните односно болестите на дишните патишта. Лани од нив се лекувале 16,5 отсто од граѓаните. И на трето место се болестите на органите за варење. Слична е состојбата и со граѓаните во градовите од Вардарскиот регион, велат од Центарот за јавно здравје во Велес.
Од кардиоваскуларните и респираторните болести страда повозрасното население додека пак кај децата до 6 години состојбата е поинаква. Кај нив најчестите заболувања се на дишните органи. Од оваа болест лани се лекувале дури 60 проценти од децата, а во некои градови овој процент е повисок.
„Кај школските деца на возраст од 7 до 19 години, карактеристични се инфективните заболувања, бидејќи децата тогаш се поактивни, излегуваат, се дружат меѓу себе. Токму затоа и повредите се со повисок процент кај оваа категорија на граѓани“, рече д-р Ефтим Димитриев, специјалист по социјална медицина.
Кога станува збор за кардиоваскуларните заболувања, возрасната граница се поместува, па од овие болести се почесто страдаат и помлади лица. Причина за тоа најчесто се лошите животни навики и неправилната исхрана. Бројните предавања во основните и средните училишта за начинот и стилот на живеење треба да донесат подобри резултати, вели д-р Димитриев.
„Се надевам дека овие податоци ќе донесат позитивни резултати бидејќи состојбата е алармантна. Јас очекувам човек на 50, 60 и 70 години да има послабо срце ама не очекувам човек на 35 или 40 години да има вакви проблеми. Точно е дека има поместување на возрасната граница и се помлади луѓе страдаат од срцеви заболувања, но тоа е резултат на лошиот начин на живот“, рече д-р Димитриев.
Ако досега најчеста причина за смртност кај населението беа кардиоваскуларните болести, во последно време во Велес се почеста причина се и мозочните удари, вели д-р Димитриев./Д.С