Велешките пензионери,пред преставници на Фондот за здравство, си ги кажаа маките околу услугите
„Од парите за инјекциите што сопругата ги примаше после вградување на вештачко колено Фондот ми рефундираше само 1600 а сите шеесет инјекции не чинеа околу 9.000 денари. Мене матичниот лекар не ми кажа дека за примањето на инјекциите во брза помош треба да имаме документ со потпис. А тоа не чинеше прекин на доказот дека сопругата ги примила сите, во континуитет и не можевме да ја добиеме вкупната сума на пари со кои ги плативме. До денеска не ни се рефундирани,“ им се пожали пензионер денеска на првите луѓе на велешката подрачна единица на Фондот за здравство на едукативното предавање во Домот на пензионери.
Темата „Лековите и ортопедските помагала“ преставуваше можност друг пензионер да им каже дека аптекарот не му ги дал препишаните лекови и покрај тоа што на рецептот го пишувало последниот ден од тековниот месец. Трет пензионер се пожали на манипулација на лекарите и веледрогериите поточно дека сега се се пресметува во пари и профит наместо да се обрне внимание прво на квалитетот на лекувањето.
„Оваа едукативна средба ја направивме со цел да им овозможиме што повеќе квалитетни информации на пензионерите. Тие немаат доволно информации. И да знаат каде треба да се обраќаат кога имаат проблем. Затоа мислам дека ова едукативно предавање беше многу корисно но за жал од првично присутни стотина останаа само триесеттина пензионери,“ рече претседателот на Здружението, Веле Алексовски.
Здружението ова предавање го организираше во соработка со велешкиот Црвен крст и подрачната единица на Фондот за здравство. Од таму најавија дека веќе во среда ќе има едукативно предавање од областа на безбедноста на пензионерите во сообраќајот. Тоа е особено важно за повозрасните кои поради оштетување на видот и слухот најлесно можат да настрадаат на улиците низ градот./У.Ј