Велешки урбани легенди: Браќата Симсарови надитрија прилепски бербер
На левата страна од Велес живееја близнаците Борче и ТрајчеСимсарови . Тие толку многу си личеа што тешко кој можел да ги разликува. Не можеле да ги разликуваат ниту нивните најблиски роднини па често наместо Трајче викале Борче или обратно.Тие биле скромни наизглед меѓутоа, често се мајтапеле со својата сличност. Носеле исти одела, а имале и иста коса и иста флизура. Покрај многубројните ујдурми во Велес, Трајче и Борче, успеале да надмудрат и еден бербер во Прилеп. Ја оствариле целта, поточно заработиле пари кога им биле потребни.
Двајцата браќа Симсарови, кои имале роднини во Прилеп, отишле на гости иако имале пари само за билет во еден правец. Патувале со воз бидејќи во тоа време немало автобуски сообраќај со Велес до Прилеп. Истерале гослук но за назад морале да се снајдат. Умните велешани брзо скроиле план како да се измајтапат и со ќарот да си купат билет за Велес. Во прилепската чаршијата се полакомиле за вкусни кебапи и плескавици. Се нагостиле и си ги потрошиле половината од парите наменети за билетот за враќање а кај роднините не сакале повеќе да се вратат. Тогаш Борче му рекол на Трајче:
„Слушај Трајче ќе правиме уjдурма за да обезбедиме пари. Јас ќе одам во берберницана и ќе видиш што ќе направам. Ти чекај ме во другата улица, подалеку да не те видат“. му рекол Борче на својот брат близнак и отишол во берберницата. Влегол внатре и културно го поздравил берберот:
„Мајсторе добар ден“. Берберот одпоздравил:
„Добро Господ да ти даде момче. Што сакаш?“
„Да ме потшишаш до нула и да ставиме облог дека мене по половина час косата ќе ми порасне во иста должина како пред шишањето,“ рекол Борче.
„Ајде бре. Ти мајтап сакаш со мене да си тераш“, одговорил берберот.
„Добро. Еве по 100 динари да оставиме и ако не ми никне коса нека ти се алал парите “, рекол Борче и оставил пари.
„Така нека биде. Еве и од мене 100 динари. Ако ти никне коса алал да ти се“, низ смеја рекол мајсторот и ја зел машинката.
Речено сторено. Борче седнал на столот, а мајсторот го истригол до гола кожа.
„Кога ќе ти никне косата дојди да ми кажеш. И Итар Пејо ќе го викнеме тогаш да знаиш.“, рекол низ смеја берберот.
„Добро мајсторе.Сега јас ќе прошетам малку и по половина час че се вратам за да видиш дека косата повторно ми никнала и да си ги земам парите“, рекол Борче и излегол од берберницата.
Кога го видел Трајче својот брат истрижен се изненадил но, Борче му кажал што треба сега тој да направи. По половина час наместо Борче во берберницата влегол Трајче. Берберот се стаписал. Пред него стоело момчето со бујна црна коса на кого пред половина час лично мајсторот му ја истрижал.
„Е мајсторе еве гледај косата ми никна како што ти реков. Дојдов да си го земам облогот“, му рекол Трајче.
Мајсторот се збунил. Не му се верувало. Почнал со рака да му ја фаќа косата. Ги ставал очилата и вчудоневиден го прашал момчето.
„Од каде си бре момче?“
„Од Велес“, рекол Трајче
„А бе ми се чини дека ова е некоја удурма ама алал да ти е кога можеш прилепчанец да надитриш. Ова ни Итар Пејо не можел да го направи. Еве ти ги парите и со алал да ти се“, рекол берберот давајќи му ги дал парите на Трајче.
Тој ги зел и излегол од берберницата. Додека одел низ старата прилепска чаршија мајсторот стоел на вратата од берберницата и никако не му се верувало како може до гола кожа да го истриже и по половина час повторно да му никне косата.
Но, Борче и Трајче си извадиле карти и со возот си дошле дома во Велес. Потоа на Борче за два месеца му пораснала коса и повторно бил со идентичен изглед како Трајче. Но оваа, една од многуте нивни удурми, се раскажува до ден денешен. Борче работеше во велешката Болницата, а Трајче во Брако. Или обратно, ќе ви речат и денеска велешани.Точно е сепак, дека тие одамна се починати.
Стоилко Андреевски