По трет пат демолиран автомобилот на екс претседателот на велешки суд
Со солна киселина истурена на каросеријата на возилото и на бандажи, поради исечените четири гуми, го затекнал приватниот автомобил, вечерва околу 22.30 часот, синот на екс Претседателот на Основниот суд во Велес, Јордан Лазаров. Мики Лазаров последен го возел возилото марка форд од дома до паркингот кај централниот градски пазар. Го паркирал околу 20 и 30 часот и заминал да игра кошарка во салата на основното училиште „Благој Кирков“. Кога по два часа излегол од салата го затекнала вознемирувачката глетка.
„Овој, трет пат, врз возилото е истурена солна киселина која предизвикала видни и големи оштетувања на каросеријата. Сите четири гуми се исечени со нож. Значи како што кажав и претходниот пат, моето семејство не е повеќе сигурно во безбедноста бидејќи полицијата сеуште ги нема откриено сторителите ни на првото потпалување ниту на вториот обид за палење на нашиот приватен автомобил,“ рече поранешниот претседател на Основниот суд во Велес Јордан Лазаров.
Тој се сомнева дека сторителот или сторителите на последното оштетување на неговото возило го следеле неговиот син од домот во новиот дел на градот до паркингот кај централниот пазар во стариот дел на Велес. Штом фордот бил паркиран и оставен на добро осветлено место вандалите го демолирале. За разлика од претходно кога Лазаров не сакаше да говори за можни сторители овојпат вели дека се сомнева во една личност.
„ Ова е сторено со умисла, мојот син е следен. Ова се случило овде на ова место во време кога има движење на луѓе и сообраќај. Веројатно ако не било тука тогаш повторно ќе се случело на улицата пред мојот дом. Јас и да се сомневам во можни сторител или сторители не можам јавно да ги кажам Но, јас се сомневам затоа што имам причини за сомнеж,“ рече Лазаров.
За една година ова е трет вандализам врз приватниот автомобил на поранешниот претседател на велешки суд. Форд фиестата прво беше опожарена а потоа вандали и ги исекоа четирите гуми. Навременото откривање на запаленото возило спречи експлозија и несакани последици по животот на граѓаните бидејќи во Фордот има инсталирано плин./У.Ј