Велешките лекари соопштија дека бараат поголема заштита откако дел од нив на новинарите им кажаа дека се непожелни
Уредно повикани но непожелни беа денеска новинарите од Велес на состанокот на општинскиот Одбор на лекари кој се одржа во болницата. Само што се појавија во салата, докторите или како што милуваат да се нарекуваат „белите мантили“ започнаа да реагираат. Негодувањата од новинарското присуство се забележуваа и на нивните лица. Една докторка гласно коментираше дека лекарите не се дојдени на состанокот за да прават театар и да бидат снимани и фотографирани, туку да разговараат за Законот за лекари. За да ја смири ситуацијата претседателката на Здружението на лекари д-р Лилија Чолакова Дервишова, на чија покана денеска се одзваа новинарите им се обрати на колегите велејќи им дека новинарите ги поканила да фотографирати да снимат инсерти по што таа ќе даде изјава и потоа тие ќе си заминат.
Реакцијата на лекарите предизвика дел од колегите да се откажат од земањето изјава. Тие си заминаа, додека останатите ја истрпеа навредата и си ја завршија работата.
Инаку, новинарите денеска беа поканети да ја пренесат острата осуда на лекарите на инцидентот кој се случи вчера во Клиниката за абдоменална хирургија во Скопје, каде незадоволен син на почината пациентка го застрела и рани дежурниот лекар. Лекарите од Велес, бараат поголема заштита во здравствените установи и под итно донесување на Законот за докторска дејност, што тие сами ќе го искреираат.
„Остро го осудуваме овој грозоморен чин каде пациенти си преземаат улоги да бидат пресудучави, да бидат судии, да бидат полицајци и да посегнуваат по оружје. Она што се системски пропусти и грешки, треба сите да ги лоцираме и да реагираме . Еден од нив е лошото обезбедување во сите здравствени институции. Потребно е под итно да се заострат мерките за обезбедување во секоја болница. Сметам дека директорите и менаџерите на болниците мораат да воведат поригорозни мерки на контрола, кој влегува, што носи и каде оди. Лекарите се светост во секоја држава, тие спасуваат човечки животи и сметаме дека секој што ќе посегне по животот на еден лекар мора да добие доживотен затвор“, рече д-р Чолакова Дервишова.
Лекарската фела ќе побара заштита, конструктивност и соработка од Лекарската комора и првите луѓе на Министерството за здравство.
„Под итно треба да се превземе некаква активност околу Законот за докторска дејност. Сметам дека Лекарскта комора досега имаше доволно време да направи нешто но, досега ништо нема направено по ова прашање. Сериозно треба да се фати за работа и сите тие структури кои си ја презеле обврската мора да си ја исполнат. Лекарите мора сами да го искреираат Законот за лекарска дејност и очекувам овој предлог Министерот да го прифати“, рече д-р Чолакова Дервишова.
Лекарите во Велес сметаат дека тие наспроти пациентите имаат помалку права па затоа бараат поголема заштита./Д.С