„Еуро Брик“ ги уплати парите и стана газда на велешката Туланица
Македонско турската компанија „Еуро Брик“ со седиште во Скопје, денеска, ја уплати сумата од 68 милиони денари за која ја купи велешката Туланица. На сметката на стечајното претпријатие легнаа и парите за ДДВ. Купувачот го испочитува законскиот рок за плаќање, рече стечајниот управник на велешки „Киро Ќучук“, Ацо Петров.
Според Петров, следи постапка во која Основниот суд во Велес ќе донесе решение со кое ќе биде извршен пренос на сопственоста на новите газди над фабриката за производство на ќерамички производи „Киро Ќучук“. Тоа ќе треба да заврши деновиве.
Инаку најстарата Туланица во Македонија се продаде на петиот оглас за продажба што се одржа на 19 октомври, годинава. Тогаш стечајниот управник Ацо Петров рече дека од уплатените средства најпрво ќе бидат исплатени трошоците и обврските како и платите на педесетина работници кои беа затечени во моментот на отворање на стечајната постапка на фабриката. Потоа ќе се исплаќаат обврските кон доверителите./С.А