Власта и опозицијата ги вкрстија копјата за трошењето на парите од општинската каса
Само 43 проценти од буџетот на општина Велес се реализирани за деветте месеци од годинава или од планираниот буџет во висина од 277 милиони денари, инвестирани се само 116 милиони денари. Со вакви обвинувања излезе денеска општинската организација на СДСМ. Според нив општината не вложила ниту денар за проекти за енергетска ефикасност, ниту за изградба на капацитети за водоснабдување. Опозицијата тврди дека не се вложиле ниту милион денари за уредување на градежно земјиште, додека од планираните три милиони денари, ништо не било инвестирано за локалниот економски развој. За урбанистичко планирање и за изработка на урбанистички планови за 2015 биле планирани осум милиони денари, но според СДСМ досега биле вложени само еден милион и двеста педесет илјади денари или само 16 проценти од ветеното.
„Тие не водат грижа ниту за социјалната заштита на децата бидејќи од ветените милион и двеста илјади денари вложени се 0 денари. Бројките всушност покажуваат дека Никола Груевски и ВМРО ДПМНЕ празно ветуваат и реализираарт нули. Никола Груевски самиот глуми градоначалник. Локалната власт на ВМРО е неспособна да ги оствари основните обврски кон граѓаните“, рече претседателот на ОО на СДСМ, Панче Иванов.
Градоначалникот Славчо Чадиев категорично ги отфрли обвинувањата на опозицијата, велејќи дека ваквите обиди се само класичен обид за политички маркетинг.
„Јас одговорно Ви тврдам дека буџетот е реализиран со близу 60 посто. Би упатил уназад во сите години дали имало поголема реализација. Јас разбирам дека СДСМ не може да прифати дека за време на нивното владеење во Велес немаа сработено колку што овој градоначалник, оваа општинска администрација сработи за година ипол“, рече Чадиев./Д.С