Светна сијалицата во домот на две иполгодишната Лана болна од церебрална парализа
Засвети утрово сијалицата во домот на велешкото сиромашно семејство Николови. Две иполгодишната Лана, дете болно од церебрална парализа, го испи првото шише со топло млеко. Нејзините родители, мајката Зорица и таткото Ристе, ќе можат да ја искапат со топла вода. По објавената приказна на Дума.мк за тешкиот живот на петчленото семејство Николови ЕВН одлучи да вклучи струја во нивниот дом. Сега на Ристе му останува да го подмири уште долкот од 4.500 денари за потрошена електрична енергија во изминатите два месеци.
– Неколкумина граѓани и една фирма од државата ми се јавија на телефон и ми дадоа поддршка. Тие најавија дека ќе ми помогнат колку што можат да се извлечам од тешката криза во која западнав. Ме трогна јавувањето на Катерина Штерјовска од Мелбурн, Австралија и нејзината желба да ги мобилизира нашите Македонци кои живеат таму да ми помогнат. Им благодарам на сите што ќе си достојат на зборот. Голема работа ми врши секоја донација и во пари и во храна. Јас сум подготвен да возвратам на секоја добрина со добро, рече Николов.
Во домот на Николови биле и социјалните работници од центарот во Велес.
Видно охрабрен од фактот дека не е сам кога му затреба помош, Ристе, побара да ја објавиме трансакциската сметка на неговата сопруга Зорица Николовска со број 4324845265614551 во Тутунска банка за да можат донациите во пари да стигнуваат на неа. Така го советувал извршителот кој му ја блокирал неговата трансакциска сметка во Стопанска банка откако се договориле Ристе да собере 3.000 денари и да му уплати за да ја повлече тужбата со која е блокирана трансакциската сметка во Стопанска банка.
Петчленото семејство Николови, до почетокот на септември, една година живеело од помошта за трето дете што државата им ја исплаќала кога се родила Лана. Ристе не работел во фирма туку како самостоен градежен работник за надница. Тоа не било доволно за да се прехранат. И Зорица морала да ја напушти работата кога се родила Лана за да може да ја негува. Семејството кое има уште две деца, Верица и Андреј, од претходно имало кредит чии рати почнале да заостануваат. Така станале должници и се соочиле со извршителот.
Сега кога ним граѓаните им покажаа дека не се сами Николови почнаа да веруваат дека ќе можат да ја однесат Лана во Охрид, на лекување во болницата „Свети Еразмо“. Од рехабилитацијата зависи понатамошниот живот на девојчето.
Сите кои што сакаат да му помогнат на семејството Николови ќе можат своите донации во пари да ги уплаќаат на трансакциската сметка со број 4324845265614551 во Тутунска банка на име Зорица Николова.
Николови живеат на улица Андон Ќосето бр.90 во Велес. Добронамерните граѓани можат да ги контактираат и на телефонскиот број 077-768-444.
Убавка Јаневска