Поранешните работници од Порцеланка ќе ги бараат отпремнините
Над 200 поранешни работници на велешка Порцеланка, со работен статус до 2003 година, синоќа, дојдоа во салата на општина Велес откако нивниот поранешен синдикален лидер Ѕвонко Самарџиев ги покани на средба за да им соопшти дека треба да имаат надеж за исплата на нивните отпремнини. По тринаесет години од отворањето на стечајната постапка во фабриката во која тие работеа Самарџиев им објасни на присутните дека се создадени услови за започнување на преговори со Владата. Особено откако пред три години успеаја да докажат дека кога се затвораше Порцеланка беше во државна а не во приватна сопственост.
– Сега се создадоа услови, без разлика кој е на власт и сто посто сум убеден дека ќе добиеме. Благодарение на СДСМ овие луѓе останаа без овие пари, постигнаа да останеме на улица, да се затвори фабриката, да се избрка Питиќов за некои други луѓе да се спасат и како резултат на сетоа тоа, цехот го платија овие работници. Конечно докажавме дека фабриката е во државна сопственост и затоа сум длабоко убеден дека ќе ги добиеме парите за плати и отпремнини, рече Самарџиев.
На новинарско прашање од каде се надеваат дека ќе бидат обезбедени парите за исплатата и дали ги стимулираше влегувањето во Порцеланка на БРГ Груп, па можеби сумите за кирија што ќе ги плаќа странскиот инвеститор даваат надеж за бараното обештетување, Самарџиев одговори:
– Е сега Груевски треба да го праша Бранко, Бучковски или Хари Костов кои тогаш беа премиери. Логично е дека нема да ни ги дадат парите без основа и дека ќе не упатат на судски процес и сум длабоко убеден дека ќе ги добиеме. Сега моментално разговараме со адвокати, се спремаме. Пред три години имавме еден процес за обештетување на 80 работници. Ќе преговараме и со Владата и со било кој што е расположен да работи на полето на вистината.
Присутните работници на синоќешната средба беа само третина од вкупно 667 кои во 2003 остнаа без работа. Информациите што ги слушаа кај некои од нив предизвикаа надеж, кај други неверување, додека трети пак велеа дека ова е само политички маркетинг.
– Јас си ги барам само моите плати, ништо друго не барам. Јас и жена ми имаме за зимање околу 300 илјади денари . Јас напуштив работа во 2001 година . Ова работа треба да си оди по судски пат, рече поранешен работник на Порцеланка.
– Старите рани ни ги отворија, ништо друго, рече поранешна работничка.
-Оваа средба ја свикавме да се договориме за отпремнините кога во 2003 година Порцеланка отиде во стечај. Не ги земавме тогаш па сега покренуваме иницијатива за да можеме да си ги земеме парите, рече поранешен работник.
– Се сомневам дека ова е само политички маркетинг пред избори. Искрено не се надевам дека ќе заврши во полза на сите нас над 600 кои останавме без работа а и без пари со затворањето на Порцеланка, рече поранешна работничка.
Наспроти поделените размислувања на поранешните работници Самарџиев е убеден дека треба да се преговара и разговара со Владата. /У.Ј