Викендов драстично зголемен бројот на интервенции во службата на Брза помош во Велес
Пациентите бараа место за стоење викендов во ходникот пред амбулантата и пред собата за инјекции на Итната медицинска помош во Велес. Додека на двете дрвени клупи седеа повозрасните и мајките со деца помладите болни граѓани, претежно од грип, бронхит или вирози, стоеја и се потпираа на ѕидовите или железните гардеробери. Скоро сите имаа покачена температура. Метежот траеше со часови затоа што единствено во викендите во градот работи само оваа амбуланта во која пациенти доаѓаат од сите делови на градот и од селата како од велешката така и од општините Чашка и Градско.
Но, меѓу граѓаните кои примаа ампуларна терапија имаше и дијабетичари, срце болни и пациенти кои боледуваат од други хронични заболувања. Тие заедно со останатите го делеа просторот во кој се чекаше на ред. Син донел старец на седумдесет и шест години од село Ореше, шеесетина минути оддалечено од Велес, да прими редовна терапија. Едногодишното бебе од Горно Јаболчиште и околу десет години старото дете од селото Бузалково, седеа заедно со останатите вирозно болни.
Во моментот кога лекарската екипа за домашна посета замина во село оддалечено од Велес околу час и половина, во собата за инјекции остана само една медицинска сестра. Таа, администраторот и лекарот во амбулантата го сочинуваа тимот кој продолжи со работа. Во евидентната книга, околу 12 часот во саботата, веќе имаше запишани 124 пациенти со примена ампуларна терапија.
– Во последниве викенди од кога се појави грипот е постојано вака. Медицинскиот персонал е малуброен а двојно поголем е бројот на пациентите, рече медицинската сестра додека ја подготвуваше инјекцијата. Фолијата од шприцот и иглата ја фрли во преполната корпа за медицински отпад и додаде дека сега по втор пат ќе побара да ја испразнат.
Според официјалните податоци на оваа здравствена служба, викендов, во амбулантата биле прегледани вкупно 461 пациенти во дневна смена и во домашни услови уште 56 граѓани. Во саботата ноќта дошле и помош побарале 62 граѓани а во неделата уште 90 болни граѓани. Дури од денеска сите тие ќе продолжат да се лекуваат кај своите матични лекари.
Директорката на ЈЗУ Здравствен дом Велес, д-р Тања Самаракова денеска потврди состојбата константно се повторува секој викенд во месец декември. Бидејќи се зголемува бројот на болни граѓани од грип а не е прогласена епидемија д-р Самаракова вели дека не може да се постапува како во вонредна состојба со мерки кои би ја олесниле работата на Брза помош. Затоа само се користат човечките ресурси што ги има оваа служба на Здравствениот дом.
– Во моментов службата работи со осум лекари, шест медицински сестри и тројца административни работници. Тројца лекари се помалку од потребниот број бидејќи колегите се на боледување. Иако имаме можност за вработување на еден лекар со договор на дело за жал никој не се пријави на распишаните конкурси. Потребата од персонал е пријавена во Фондот и во министерството за здравство, рече д-р Самаракова.
Таа додаде дека разговарала и побарала помош од претседателката на Здружеието на приватни лекари д-р Лилија Чолакова Дервишова. Но не успеале да се договорат. Самаракова барала педесетте приватни лекари во Велес со неколку часовна работа во викенд да помогнат во работата на Итната медицинска помош.
– Тоа не е возможно бидејќи Здравствениот дом прво треба во вакви околности да ги искористи сите лекари кои се вработени во јавната здравствена организација а ги има 34 на број. Кога се разболува лекар во приватна амбуланта нема замена па се распишува оглас и се прима нов колега за да не се закочи работата, рече д-р Чолакова Дервишова.
Инаку само во Здравствениот дом во Велес простор користат две приватни педијатриски амбуланти, три специјалистички за школска медицина и уште две други амбуланти на доктори од приватна пракса. Тие викендов не работеа. Мајка на дете од школска возраст во саботата реагираше зошто нејзината ќерка наместо во амбулантата кај нивниот матичен лекар, што се наоѓа во соседниот ходник на Здравствениот дом, стои во ходникот и чека половна час на ред во Брза помош. /У.Ј