Сите досегашни Претседатели на Судот во Велес
По формирањето на ФНР Југославија како и создавањето на Република Македонија во 1945 година , веднаш по Првото заседание на АСНОМ, донесена е одлука за формирање и почнување со работа на голем број институции. Според податоците на Државниот архив на Република Македонија одделението во Велес, во 1945 година, биле формирани Околиски, Окружен и Општински суд. Еден бил сместен во куќа во близина на Епрахијата, а другите во простории на тогашната општина.
Во Подрачното одделение на Архивот во Велес постојат документи што ја содржат евиденцијата на сите претседатели на овие судови, во периодот 1945- 1990 година.
Околиски народен суд во Велес е формиран на 1јули 1945 година. Прв негов претседател бил Борис Нојков. Него, во мандатниот период 1946 – 1948 година, го наследил Панче Медаров. Потоа во овој суд од 1948 до крајот на 1949 година претседател бил Лазар Стојанов Петров, а од педесетта до 1951 претседатели биле Никола Богатинов, Никола Богданов , Јордан Алчевски и Љубомир Босилков кој на оваа функција останал се до 1955 година.
Во периодот 55/ 56 година претседател бил Андреја Весов додека Архивот нема податоци кој бил претседател во 1957 година.
Со Околискиот народен суд во 1958/59 година претседателувал Димитар Солев за потоа во 1960/61 да биде назначен Јован Н. Богданов. Во мандатниот период 1964/ 66 година со оваа институција раководел Ордан Б. Панев додека во периодот од 1966 па се до 1974 година претседател на судот бил Димитар Солев. Него на крајот од 1975 го заменил Љубомир Бојаџиев. Архивот нема податоци кој бил претседател во 1976 година додека во наредниот седум годишен мандат евидентиран како претседател е Јован Н. Богданов. Него го наследил Никифор Ивчев кој со судот раководел во1985/86 година.
Потоа од 1986 до 1990 година претседател на институцијата е Благој Нечев, кој дошол од началничката функција во СВР Велес.
По осамостојувањето и формирањето на независна Република Македонија, поточно од 1990 година па се до 2001година, претседател на Основен суд во Велес е Благој Нечев а негов наследник истата година , во месец декември станал судијата Јордан Лазаров.
До назначувањето на претседател на судијата Шефчет Адеми во 2005 година во еден период в.д. претседател биле судијките Надица Андреева и Виолета Мојсова.
Во 2010 година за претседател повторно е назначен Јордан Лазаров кој на оваа функција останал во наредните четири години кога заминува во пензија.
Потоа судот има в.д. претседател, функција што ја извршува судијката Валентина Петрова за потоа во 2015 година да биде именуван актуелниот претседател Александар Шопов.
Во Велес во 1946 година бил формиран Окружен народен суд кој функционирал во наредните две децении. Прв негов претседател бил К.Х.Костов. Според документите на Архивот во 1963 претседател на овој суд бил и Сотир Делидинков. Окружниот суд е укинат во 1966 година.
Стоилко Андреевски