Ѓоргови – образовано, чесно и имотно старо велешко семејство
Ѓоргови се едно од познатите стари имотни семејства во Велес. Тоа било почитувано од своите сограѓани како старо семејство чии корени потекнуваат од Којник, познат дел на градот. Јане Ѓоргов додека живеел на Којник се занимавал прво со земјоделие,а потоа со трговија. Тој бил многу досетлив човек како и неговите три сина: Орде, Ане и Диме. Познатиот велешки земјоделец, за време на изградбата на железничката пруга Скопје- Солун, ги поттикнал своите синови како да стекнат богатство. Одлучиле да купат повеќе коњи и со нив кај тогашните турски власти се понудиле да ги превезуваат камењата, праговите и другите градежни материјали потребни за изградба на пругата. Нивната понуда била прифатена. Семејството до изградбата на пругата во 1873 година работело од утро до мрак, вработило поголем број аргати и на крајот спечалило пари. Потоа ги инвестирале парите во развој на трговија, во купување на имот и на крајот ги изградиле големите куќи на плоштадот, во центарот на Велес.
Синовите на Јане живееле сложно. Спечалените пари од изградбата на железницата и од трговијата со алкохолни пијалоци, ракија и вино како и од производството на коњак,ги инвестирале во купување на повеќе декари лозја како и во млин на вода на Црна Река, кај селото Паликура.
По пуштање на железничката пруга, прв од тројцата синови на Јане, Ане Ѓоргов се оженил со велешанката Марија Симсарова. Тие биле родители на седум деца: Тодор, Пандора, Викторија, Милан, Лазо, Петре и Никола. Брат му Ордан имал три ќерки Љуба, Родна и Епса, а Диме со сопругата Марија ја имале само ќерката Богданка.
Првата куќа на Ѓоргови, во позадина на централниот плоштад во Велес
Четворицата синови на Ане, Миле, Лазо, Петре и Никола во 1928 година ја изградиле првата куќа со преноќиште, во чие приземје се наоѓаше поранешниот градски Ликовен салон. Две години подоцна ја завршиле изградбата и на втората, веднаш до првата, која има поглед на плоштадот во центарот на Велес. Оваа куќа на Ѓоргови, во тоа време, била една од наубавите во Велес и конкурентна на домот на исто така познатото велешко семејство Шукареви, кој важел за исклучително убав и аристократски.
Втората куќа на Ѓоргови,што со поглед на плоштадот во Велес
По терк на татка си и неговите браќа, синовите на Ане Ѓоргов продолжиле заедно да работат. И по женидбата живееле заедно. Милан, како најстар, бил глава на семејството. Работилницата им била во подрумите на куќата. Имале голем базен во кој го преработувале грозјето. Печеле ракја и купиле машини за производство на вино, вињак и други пијалоци. Освен дома производството го пласирале и во странство, во Хрватска, во Србија, во Словенија, во Австрија и во Грција. За да ги зголемат приходите подоцна ја поделиле работата. Милан работел со алкохолни пијалоци. Лазо работел само во кафаната и преноќиштето додека Петре и Никола работеле во кафаната и во колонијалниот дуќан. Штом од некој Германец го купиле млинот на вода на Црна река, таму работата ја превзел Петре. Единствена нивна неостварена инвестиција била шарлаганџилница. Иако планирале да купат машини и да започнат производство на шарлаган Ѓоргови не успеале во намерата.
Но затоа Лазо купил дуќан во Солун и работел заедно со татко му Ане. Подоцна им се приклучиле Петре, кој завршил училиште во Париз и зборувал четири светски јазици и Никола, кој по завршување на осми клас ги усовршил турскиот, германскиот и англискиот јазик.
Тие двајцата преку Париз се обиделе да заминат во Америка, но не успеале да влезат па отишле во Мексико. Таму работеле како ќумурџии. Работата била многу тешка. Тоа не им се допаднало на нивните браќа Милан и Лазо кои им ги платиле билетите за дома со намера да ги вратат помладите браќа зашто во Велес имале многу работа и добра заработка. Во 1925 година, пред да се вратат во родниот град, Петре и Никола, одлучиле сепак да останат во Париз и да ја завршат Вишата трговска школа.
Дома се вратиле за време на Стара Југославија – СХС. Браќата повторно почнале да работат заедно. По заминување на Србите, во Велес доаѓаат Германците и Бугарите. Браќата Ѓоргови не сакале да водат политика. Биле неутрални па и така опстојувале. Единствено ги интересирало производството и продажбата на алкохолни пијалоци.
Така Милан, Лазо, Петре и Никола работат се до 1947 година, до конечното ослободување на Македонија.Но, тогашните власти им го национализираат целиот имот. Им ја национализирале едната куќа во која била и работилницата , во подрумот со се мазите и целиот алкохол. Им била оставена само куќата што излегува на главната улица и четворицата браќа продолжиле заедно во неа да живеат.
Милан бил назначен за директор на претпријатието „Винар“ , кое се наоѓало во нивната национализирана куќа, Лазо се вработил како книгоовител во трговското претпријатие „Ангро Вардар“, Петре работи најнапред како книговодител, потоа продавач и на крајот како менувач на странски пари во меѓународниот воз Атина-Париз, а Никола добил работа како трговски патник во Свилара.
Прв од браќата почина Милан во 1973 година, осум години подоцна и Лазо а една година по него и Петре додека Никола почина во 1984 година.
Ѓоргови меѓу велешани се познати како семејство на образовани, чесни и имотни луѓе. Нивните потомци и денес се гордеат со своите татковци, дедовци и прадедовци. Немал број од нив и денеска се лекари, професори, инженери и економисти.
Стоилко Андреевски