Навивачката група „Гемиџии“ им подари новогодишни пакетчиња на дечињата од ПОУ „Маца Овчарова“
Новата година асоцира на весела атмосфера, подароци и семејни собири. За жал, не сите деца можат еднакво да го почувствуваат новогодишното расположение. Затоа навивачката група „Гемиџии“ одлучи да измами среќа на лицата на децата со посебни потреби во ПОУ „Маца Овчарова“ – Велес.
– Се обидуваме да насмееме и израдуваме што повеќе дечиња и да помогнеме достоинствено да ја пречекаат новата година. Сакаме радоста и убавите мигови да им бидат секојдневие. На сите деца им посакуваме добро здравје, среќа и радост. Во оваа насока е и вниманието кое ние го посветуваме кон најмладите, кои пак посебно се радуваат на подароци и пакетчиња во празничните денови, рече Дарко Тикваров од навивачката група „Гемиџии“.
Целта на денешниот настан, за кој велешката навивачка група доби поддршка и од играчите на фудбалски клуб „БОРЕЦ“ , беше уште еднаш да докаже дека е убаво чувството на меѓусебно поврзување на граѓаните во Велес.
Нив дечињата од ПОУ „Маца Овчарова“ ги пречекаа со отворени срца и со новогодишна програма што им ја подготвија со сета среќа и радост што се крие во малите детски очи кои проговорија за гестот на навивачите.
– Ова е позитивен пример и показател за грижата што ја имаме кон ранливите категории во заедницата. За навивачката група „ Гемиџии“ е особено важно да подадеме рака секогаш и секаде каде е потребно, да помогнеме, но и да ги истакнеме позитивните примери кои мотивираат. Само со меѓусебна поддршка може да ги ублажиме потребите на лица со посебни потреби. Да и посакаме добредојде на Новата година и со убав поздрав да ја испратиме старата. Се надеваме дека со ова ќе ја разбудиме хуманоста и кај останатите Велешани, додаде Тикваров
Тој во името на навивачката група „Гемиџии“ им посака среќни Новогодишни и Божиќни празници на сите сограѓани./У.Ј