Велешанката Дерманџиева времено сместена во Момин Поток, сега хуманоста на државата, општината и граѓаните можат да ја вратат назад, дома
Педесет и шест годишната Велешанка Димитрула Дерманџиева е сместена во Момин Поток. Таа прифати за време на студениот бран да биде сместена во скопското прифатилиште. Вчера, сабота 26 јануари, откако Општина Велес доби потврден одговор од неа дека прифаќа на одредено време да биде сместена во прифатилиште со возило на општината и во придружба на секретарот на Црвен Крст, Орце Николов е однесена во Скопје.
– Добро е овде, топло е има храна, вода и струја. Ама овде живеат луѓе без дом а јас имам дом. Мене ми треба малку помош да ми се подсреди по дома и да имам огрев, струја и вода, рече Дерманџиева.
Таа во наредните десеттина дена ќе може да остане во Момин Поток порврдија и од велешкиот Црвен Крст. Но што потоа?
Од Општина Велес првично ветија дека ќе се обидат да организираат поширока општествена акција за помош на Димитрула. Огревот го спомнаа како приоритет со обезбедување на дрва од ШС „Бабуна“. Но како да се уреди домот на жената кога е во многу лоши услови. Од куќата треба да се исфрлат сите непотребни предмети, садови и покуќнина. Да се вароса и да се обезбедат шпорет, приклучок за вода и струја.
Дерманџиева може да работи иако е со намален интелектуален капацитет.
Ако заедницата се мобилизира и ја покаже својата хуманост тогаш Димитрула ќе може да жвее во поздрави и похумани услови од оние во кои се наоѓа нејзиниот дом на улицата Киро Ќучук број 61 во Велес.Прашање е само дали локалната заедница и министерството за труд и социјална политика се подготвени да помогнат по принципот кој колку може.
Убавка Јневска