Коцевски: Не знам кој му ги подготвува текстовите на Здравковски но вчерашниот прилегаше на текст за хумористичната емисија „Хихирику“
Велејќи дека не знае кој му ги подготвува текстовите за изјавите што ги дава во јавноста претседателот на ОК на ВМРО ДПМНЕ во Велес , Игор Здравковски, градоначалникот на општина Велес Аце Коцевски денеска одговори на новинарското прашање во кое беше побаран негов став за вчерашната прозивка од страна на Здравковски во која реакцијата на Коцевски на прес конференцијата во министерството за образование поради немањето превод на македонски јазик на министерот Арбен Адеми беше наречен „Глумец на функција градоначалник“.
– На младиот господин претседател на ОК на ВМРО ДПМНЕ не знам кој му ги подготвува текстовите за неговите прес конференции но, вчерашната повеќе прилегаше на текст за хумористичната емисија „Хихирику“ отколку на текст со сериозна политичка содржина. Јас никогаш не сум глумел, ниту тогаш кога така реагирав. Бев максимално сериозен и внимателен на кој начин треба да реагирам. Тоа го направив многу искрено и мислам дека го направив на соодветен начин. Јас ја разбирам законската обврска, право на министрите во Владата и на пратениците да зборуваат на својот мајчин албански јазик но, доколку на тие средби присуствуваат и градоначалници, родители на деца, директори и новинари на кој не им е мајчин албанскиот јазик се должни да обезбедат превод, рече Коцевски.
Тој додаде дека реагирал на тоа што нема превод кога новинарите на албански јазик поставувале прашања во кои биле спомнувани општина Велес , Гимназијата и училиштата а министерот за образование одговарал само на албански јазик и тоа без превод.
– Јас немав забелешка на тоа што министерот зборува на албански јазик но беше должен да обезбеди некој тоа што го зборуваше да го преведе на македонски јазик. Требаше да биде коректен кон мене и кон градоначалникот на Чашка, кон сите родители, директори на училиштата и новинарите од редакциите на македонски јазик. Мојата реакција се однесуваше на тоа и сметам дека беше добро разбрана од македонската јавност. Тоа што господин Здравковски не го разбрал, тоа е негов проблем нека се преиспита себе си, додаде Коцевски. /У.Ј