Нов дигитален рентген апарат доби Општа болница Велес од Кралството Јапонија
04.03.2021
Дигитален рентген апаратот што чини 60 илјади евра за многу кратко време ќе биде инсталиран на Одделението за рентгенологија и радиодијагностика во велешка болница. Медицинскиот апарат е софистициран и современ што значи дека работи со помало зрачење и побрзо добивање на снимки. Со овој медицински апарат се зголемува квалитетот на здравствената услуга на пациентите.
– Ви посакувам топло добредојде. Би сакал да посакам граѓанките и граѓаните кои ќе се служат со овој апарат да се служат со здравје а на неговата екселенција да се заблагодарам и за другите донации кои ги добивавме во изминатите години како што беа за Територијалната против пожарна бригада, за основно училиште и за Здравствен дом Велес , рече Градоначалникот Аце Коцевски.
Амбасадорот Хирономи Савада се заблагодари на приемот и соопшти дека станува збор за осма донација од програмата за мали грантови и петти во Велес откако започна нејзиното спроведување.
-Се надеваме дека дигиталниот медицински апарат ќе обезбеди високо квалитетно здравство за граѓаните на Велес и сите граѓани во регионот кои ги користат услугите на болницата. Овој апарат е доделен од ЏЏП програмата која во Северна Македонија се спроведува од 1996 година и досега се имплементирани 148 проекти во вредност од над 7 милиони евра. Справувањето со ковид кризата е глобален предизвик и ние сме многу среќни што ги поддржуваме здравствените институции кои придонесуваат за спасување на многу човечки животи во овие тешки времиња. Годинава ќе потпишеме 10 грант проекти во вредност над 540 илјади евра. Пријателите кои си помагаат се вистински пријатели, додаде Н.Е Савада.
Општа болница Велес има цели според кои се стреми кон обезбедување на висококвалитетни здравствени услуги со примена на дијагностичко тераписки процедури како и едукација на персоналот, подобрување на работата и воведување на нови методи и технологии.
-Во Општа болница Велес гравитираат и пациенти од Свети Николе, Лозово, Чашка, Росоман, Градско, Кавадарци, Неготино, Демир Капија. Тоа значи дека околу потенцијални 200.000 пациенти ќе го почувствуваат бенефитот од новиот рентген апарат. Тоа значи помала зрачна доза, побрз и квалитетен преглед и поквалитетен третман на пациентите, рече д-р Бојаџиев.
Неговата екселенција Амбасадорот Хирономи Савада и директорот на ЈЗУ Општа болница Велес денеска го потпишаа грант договорот. Дигитален рентген апаратот ќе биде инсталиран набрзо и освен тој исто така болницата ќе продолжи да го користи и стариот кој е во функција. Тоа ќе значи дека ќе може да се обезбеди подвојување на пациентите, на болни од Ковид и болни од други видови на болести што во време на пандемија е многу значајно.
Убавка Јаневска