Скопска градежна фирма избрана за изградба на горниот дел на покриениот градски пазар во Велес
09.03.2021
Друштвото за градежништво, трговија и услуги „БАУЕР БГ ДОО“ ќе го гради градскиот пазар во Велес. Изградбата на покриениот градски пазар ќе чини 34.696.686,18 денари со вклучен ДДВ. Во тек е јавната набавка за почнување на градежните работи. Изградбата треба да заврши за четири месеци штом се потпише договорот помеѓу Општината и фирмата изведувач.
– Изградабта на покриениот градски пазар е еден од најзначајните проекти на Општина Велес и со него ќе се создадат најсовремени услови за продажба на земјоделски и други производи, рече Градоначалникот Аце Коцевски.
Електронската аукција се одржа на 19 февруари со учество на четири од вкупно пријавените седум понудувачи. Комисијата за јавни набавки одлуката за избор на најповолен понудувач ја донесе на 23 февруари, годинава.
Сега Советот на Општина Велес треба да донесе одлука со која што ќе овозможи преместување на тезгите од горниот дел на пазарот на времена локација. Бидејќи таа треба да биде во непосредна близина на долниот дел на пазарот најверојатно ќе се користи паркинг просторот кај бифе „Пармак“. Тоа ќе се прави се со цел да се овозможи сите продавачи кои што ги користат услугите на одделението градски пазар на ЈКП „Дервен“, да продолжат континуирано да ги продаваат земјоделските и другиот вид на производи се до завршувањето на градежните работи.
Преместувањето на тезгите и создавањето на услови за продажба на новиот времен простор се очекува да заврши најдоцна за еден месец. Ова време е потребно како за селење на тезгите исто така и за обезбедување на вода и други неопходни улслови за продавачите на новата локација.
Исто така, времено ќе бидат згрижени и продавачите на сирење којшто ќе го делат просторот со продавачите на јајца.
Стефани Манева