Четири часа беше во прекин железничкиот сообраќај на пругата Велес – Скопје, снегот што вчера падна не создаде проблеми во велешко
22.03.2021
Утринава од 6:30 часот до 11:30, беше во прекин железничкиот сообраќај на релација Велес –Скопје и обратно, поради проблеми со системот и оптичката мрежa. За време на четири часовниот прекин на железничката станица во Велес чекаа патници во два воза што требаше да сообраќаат кон Скопје и тоа локалниот како и патничкиот воз на релација Кочани-Скопје.
Дефектот е остранет во 12:30 часот, со што е нормализиран железничкиот сообраќај во Македонија.
Викендов во Велес и велешко паѓаше снег чиј што интензитет беше особено изразен во текот на вчерашниот ден, недела, кога поради водата што ја содржеа снегулките веднаш се растопуваа. Градот сепак во претпладневните часови а потоа и во доцните попладневни часови имаше снежна покривка, што не се задржа долго време.
Според Центар за управување со кризи, снегот кој падна не создаде проблеми во одвивањето на сообраќајот на регионалните и локалните патни правци во Општина Велес а исто така и во соседните општини. Немало повици за интервенции, отсечени села или проблеми со електрично напојување.
Паднатиот снег исто така не го зголеми водостојот на река Вардар и не создаде проблеми со водостоите во речните корита на река Бабуна и река Тополка.
Стефани Манева