Обучените кандидати за возачки испит од Велес бараат МВР да ја формира комисијата за полагање на испит
29.03.2021
Повеќе од 2.000 кандидати чекаат да полагаат возачки испит, бидејќи цели шест месеци нема Комисија за полагање во Велес. Комисија нема ниту за кандидатите од Неготино и од Кавадарци. Според изјави на голем дел од кандидатите во Велес лекрското уверение веќе им истекува. Тоа значи дека по истекот на рокот на медицинскиот документ ќе мора да добијат нов што инаку чини 1.750 денари. Тоа воопшто не е малку ако се земе во предвид дека за да се добие возачката легитимација вкупно се плаќа околу 30.000 денари.
Дел од кандидатите коишто веќе ги поминале обуките, теоретска и практична, тврдат дека иако се пријавени пред месец септември, минатата година, тие до денеска не биле во можност да го полагаат возачкиот испит. Според нив проблемот е во не издадените лиценци на членовите на Комисијата што треба да го спроведе полагањето на возачкиот испит.
Дума.мк испрати официјален е-маил до Министерство за внатрешни работи, во петокот на 26 март, во кој побара одговор на прашањата : Која е причината за шест месечното не формирање на Комисија за полагање на возачки испит за подрачјето на општините Велес, Неготино и Кавадарци и кога ќе биде формирана со оглед на големиот број на кандидати кои чекаат за полагање на возачки испит во трите градови.
Според потпаролката на Министерство за внатрешни работи Бендевска, прашањата се испратени до одделението кое има надлежност да одговори, но до затварањето на информацијата и нејзиното објавување редакцијат ана Дума.мк не доби одговор.
Штом одговорот ќе биде испратен истиот ќе го објавиме.
Стефани Манева
