Микропретпријатија од Вардарски регион и дел од источна Македонија добија 80 тендери за јавни набавки во вредност од 1,5 милион евра
Лани во Вардарски и во дел од регионот на источна Македонија а годинава проектот „Пристап на микропретпријатија до јавните набавки“ се проширува низ цела Источна Македонија. За потребите на малите и средни претпријатија од обуки и помош досега функционираа канцеларии во Велес и во Штип. Сега тие ќе даваат услуги и во северноисточниот и југоисточниот дел на државата.
Годинава во проектот ке бидат вклучени вкупно 35 општини со 300 договорни органи или државни институции и исто толку микропретпријатија на кои ќе им биде давана помош преку обуки, пополнување на тендерска документација и учество на електронска аукција . Целта е преку обуки и асистирање секојдневно да им се помага на овие претпријатија за повеќе да учествуваат на пазарот за јавни набавки кој е голем потенцијал за развој на локалната економија во четирите најсиромашни региони во државата, рече Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации.
– Значи од една страна им помагаме на микропретпријатијата, мали претпријатија со еден, двајца или неколку вработени и кои својата шанса ја гледаат во тие јавни набавки, кои онака како што се поставени не овозможуваа лесен пристап за овие претпријатија. Од друга страна работиме со околу 300 државни претпријатија, оние кои што набавуваат преку јавни набавки, на кои што имаме издадено серија препораки што треба да направат од своја страна и да го олеснат пристапот за микропретпријатијата во смисла да бараат помалку документи, да ги делат набавките на делови, да ги пријавуваат навреме тендерските документации. Серијата мерки соодветствуваат со мерките што ЕУ ги издаде пред неколку години, за нивните претпријатија, со цел како да се олесни пристапот до јавните набавки бидејки овој проблем го има и во ЕУ, рече Филков.
Пред неколку години и во Европа огромен број на микропретпријатија, над 90 отсто, се соочувале со проблемот како да стигнат до јавните набавки. Целта и таму и во Македонија е да се намали јазот во интерес на локалниот економски развој.
Лани во двата региони во Македонија, Вардарскиот и дел од источна Македонија, канцелариите им помагаа на 280 микропретпријатија во 21 општина . Тие учествуваа на 153 јавни набавки и добија околу 80 тендери со вкупна вредност од 1,5 милиони евра. За многу од нив тоа беше првиот добиен тендер, прво регистрирање и учество во јавни набавки а голем дел од нив добија по два, три, четири и пет тендери, вели Филков.
– Нормално за тие фирми кои напреднаа, кои можат сами ние ќе им помагаме кога треба меѓутоа нивното место сакаме да го пополниме со нови фирми, неискусни кои сакаат допрва да се вклучат, за да имаме една поголема бројка на микропретпријатија кои по завршување на проектот вгодина, во септември, ќе бидат способни да учествуваат во јавните набавки, рече Филков.
На овој начин на микропретпријатијата им се помага да се осамостојат и да продолжат да се развиваат. Носител на овој проект е Центарот за граѓански комуникации во партнерство со Фондација Фокус од Велес и ЕХО од Штип.