Проф. др Ванковска: Им се восхитувам на велешани како се одбранија од загадувачите и ја очекувам нивната поддршка
По шест изминати денови од постапката за собирање потписи, претендентот за кандидат за претседател, професор др Билјана Ванковска вели дека не може да биде задоволна. Таа во постапката не очекуваше да собори некој Гинисов рекорд, во брзина на собирање 10,000 потписи, што е голема бројка за мала земја, бидејќи вели зад неа не стои машинерија, ниту автобуси, ниту начин да вети вработувања и сл.
– Сепак, мислев дека граѓаните ќе ја разберат пораката и ќе знаат дека потписот за мене не е исто што и глас. Но, се соочувам со одговори дека луѓето се плашат од партиите, дека не веруваат дека еден човек нешто може да смени, или оставаат за последен момент. Велес отсекогаш бил жариште на револуционерниот дух, па слабиот одзив навистина ме зачуди. Ако и не добијам доволно потписи, тоа ќе биде само знак дека граѓаните си се задоволни од сегашната ситуација, од двете најголеми партии и од својот живот. Се уште има и време и надеж, но исходот на оваа битка е веќе целосно во рацете на граѓаните. Јас вложив сопствени средства (од плата), ангажирав група прекрасни и умни волонтери кои сами ми пријдоа, „изгорев“ од давање интервјуа и објаснувања, ама сега е редот на граѓаните да кажат што сакаат за претстедателските избори, рече Ванковска.
На прашањето на Дума.мк зошто на македонската деморатија и требаат независни кандидати за Претседател или избрани Претседатели следеше одговор:
– А зошто да не? Досега во Македонија видовме безгласни претседатели или негирани од страна на политичкиот опонент. Сега се навестува и можност претседателот да се избира во Собрание по Бадинтеров принцип. Ако Македонија сака претседател на сите граѓани, без оглед на партиска, верска, етничка и друга определба, тоа може да го овозможи само личност која директно добила мандат од граѓаните. Засега зад мојата кандидатура се потпишани граѓани од сите етнички групи – тие ме препознаваат како граѓански кандидат, и тоа ме радува. Ако не успеам, тоа ќе значи дека Македонија сака партиска марионета, конфронтации и целосна партизација, рече Ванковска.
Таа се надева на поддршката од велешани како и на граѓаните од Вардарскиот регион како што вели бидејки ќе докажат знаат да се борат за вредности.
– Велешани веќе ги споменав: оваа постапка е колку важна за мене, толку е важна и за нив, за да докажат дека се луѓе кои секогаш знаеле да се борат за вредности. Не така одамна Велешани низ граѓански и ненасилен отпор ја одбранија својата животна средина. Тоа беше за восхит! Да не одам подалеку во историските традиции. Но, бидејќи себе се сметам за левичар, за мене Велес останува градот на Рацин, на работничката мака, на тутуноберачите и на Ленка. Поради Ленка, би требале да ме поддржат како прва жена претстедателски кандидат, вели Ванковска.
Иако е викенд, вратите на канцеларијата на Државната изборна комисија во Велес како и на канцелариите во Вардарскиот регион, се отворени од 7 до 19 часот. Таму граѓаните можат да го дадат својот потпис на кандидатурата на професор Билјана Ванковска, доктор на правни науки./Д.С