Се реконструира велешка НА МА
Одбројани се деновите на стариот објект на првата стоковна куќа во градот. Зградата, во која деновиве се започнати градежните работи, ќе изгледа како на идејниот проект. Освен во внатрешноста, инвестирот Центро Вемол, започна со градежни работи и околу објектот од долна страна, кај делот на маркетот. Тоа е првата фаза вели директорот Томе Бабунски и најави комплетно реновирање и преуредување на зградата.
– Целта ни е да го вратиме сјајот на центарот на Велес. Објектот ќе го реконструираме со тоа што ќе добие нов лик, а внатрешноста ќе ја прилагодиме за потребите на повеќе трговски ланци, супермаркети, производители на храна и на бела техника. Ќе обезбедиме простор за потребите на банките. Со реконструкцијата е планиран простор во кој ќе има ланч бар и играчница за деца. Исто така ќе вградиме и надворешен или панорамски лифт за искачување на катот, рече Бабунски.
Тој рече дека фирмата е во преговори со повеќе домашни и странски брендови кои очекуваат да им понудат квалитетни производи на велешани. Инвестицијата за комплетното реновирање на НА МА ќе чини околу 600 илјади евра. Штом се реконструира објектот наместо НА МА ќе се вика ВЕ МОЛ.