И по деценија ипол граѓаните од Рамина ги чекаат ветените станови од државата
Веќе дванаесет години семејството Ташеви живее на периферијата на Велес во дрвена барака од 40 квадрати. Тие неможат да се навикнат на овој живот бидејќи претходно на Рамина имаа куќа од 300 м2. Земјиното свлечиште им ја урна па мораа да се преселат во дрвените бараки на другиот крај на градот. Ташеви велат дека не е лесен животот на кираџиите откако знаат што значи да имаш сопствен покрив над глава и да го изгубиш.
– Четворица живееме тука, синовите ни пораснаа, не сакаат да се женат оти нема кај да живеат. Наша си беше куќата ама урната ни е, во неа само уште ѕидовите зјаат. Најавуваа ама ништо од изградба на нови домови, сега сме ни на небо ни на земја, рече Билјана Ташева.
– Се се распаѓа тука, не се живее во барака од гипс картон, подготвувам материјали за да реновирам, ама не е наше не знам зошто да инвестирам. Изградив надворешен импровизиран тоалет, оти од влагата ќе се распадне целиот објект, рече Драган Ташев.
Сега Ташеви, во населбата Тунел, се соседи со уште деветнаесет велешки семејства од Рамина. Сите се сместени во ист вид на бараки и ја делат истата тага. Ги имаат и истите маки. Дрвените бараки попуштаат и во нив има влага. Затоа од државата бараат да им соопшти ако нема намера да ги гради зградите за нив, на две локации како што најави, тогаш барем да ги направи газди на бараките за да може да ги реновираат или доградат.
– Уште не се знае дали ќе бидат наши, никој не дошол да не посети. Ќе се распаднат и овие што ги имаме, викаа и зграда дека ќе направат, само ветуваат но ништо не реализираат, рече Назим Салиов.
– Одамна беше тоа кога дојдоа и кажаа дека за нас ќе граделе бараки. Лага ли е вистина ли е, само тие си знаат. Со години никој не дојде да не види, гледам на вести кажуваат станови ќе давале за социјалци, а нас кој да ни даде,рече Ајат Зуберов.
– Државата нека преземе некој мерки, сите тука од социјално живеат, не можат да излезат на крај за храна, а не па куќи одново да си изградат, рече Сабика Асанова.
Стотина луѓе се сместени во оваа населба, а уште толку живеат под кирија која им ја плаќа државата. Се пожалиле и во станбеното државно претпријатие но од таму велат дека не можат да им го решат проблемот.
– Го знаеме нивниот проблем, но ние само стопанисуваме со објектите и не сме надлежни да донесуваме одлуки за изградба на нови. За тоа преговараме со владата и министерствата, но до сега нема никакво известување дека ќе се гради зграда која ќе биде наменета за сместување на раселените од Рамина, рече Маријан Стефановски, раководител на подрачна единица на државното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор.
Овие велешани своите куќи ги загубија пред деценија ипол кога почна да се лизга земјата во велешката населба Рамина. Десетици куќи се урнаа уште толку мораа да се урнат а нивните сопственици да заминат да живеат како подстанари во градот. Државата со два потпорни ѕида успеа да го смири лизгањето на земјата. Сега и останува да го реши само уште проблемот со домови за овие луѓе./Б.Н