Велес домаќин на 59 Рацинови средби, доделени годинешните Рациново и Почесно Рациново Признание
„Не постои човек кој поминувајќи низ Македонија не слушнал за Рацин. Не постои ни таков кој поминал низ Велес и останал рамнодушен на испишаните стихови на ѕидовите. Како негови наследници, огромна е честа да го продолжиме сеќавањето на великанот поддржувајќи ја традицијата за оддавање почит на неговиот лик и дело. Оваа година преку 59-те Рацинови средби, спојувајќи многу луѓе и активности од различни сфери, оставајќи ги разликите на страна, се обединивме околу безсмртноста на неговото наследство, јазикот и културата. Кочо Рацин е основоположник на македонската современа литература. Неговите дела изобилуваат со сурова вистина на секојдневнието, болката од невозвратената љубов, не човекољубието како највисок облик на човечка жртва. И токму тоа е пораката којашто и денеска силно одекнува. Тогаш кога светот околу нас е најгласен против она што не прави македонци, тогаш кога ноќта е најтемна, со сите сили да застанеме гордо и достоинствено во одбрана на јазикот и татковината и храбро да ја дочекаме иднината. Коста Солев Рацин е вечен, Македонија е вечна. Да го чуваме и негуваме неговото дело, да ја чуваме Македонија“, рече вчеравечер градоначалникот на Општина Велес Марко Колев на свеченото отварање на „59 Рацинови средби“.
На големата сцена на Народен театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ и годинава се случи врачувањето на „Рациновото признание за 2022“ на добитникот Александар Русјаков за книгата „Хотел меѓу две војни“.
Жири комисијата во состав на Јасминка Делова- Силјанова, Снежана Петрова- Џамбазова и Маја Апостолска, годинава, едногласно одлучила Рациновото признание да му го доделат за романот „Хотел помеѓу две војни“ на Александар Русјаков. Книгата е издадена од „АРС Ламина“ и веќе е добитник на наградата „Пегаз“ за необјавен роман.
На синоќешното врачување на наградата „Рациново признание за 2022“, Русјаков рече дека добиената награда веќе втора за оваа книга и ја посветува на својата почината мајка која го родила во градот на Рацин.
-Не е благодарно многу јас да зборувам за својот роман после прекрасни зборови што беа искажани како заклучок на комисијата. Можам да ви кажам дека овој роман беше голем предизвник за да се напише. Тоа е роман за живот после смртта, роман за хотел со поглед на Македонија, роман за мапата на човековото срце, додаде Русјаков.
Русјаков побара од локалните и национални власти да ги преместат посмртни останки на Коста Солев Рацин од заедничката гробница во Спомен костурницата од НОВ во Велес, во гроб, како пред 1979 година, кога поетот и револуиционер имал гроб во црквата „Св. Пантелејмон“ во неговиот роден град. Затоа што Рацин, како што констатираше Русјаков, има свој град, во него своја Спомен куќа и споменици, своја Гимназија и свој фестивал но немал свој гроб.
На отворањето на годинешните 59 по ред Рацинови средби присутните проследија видео разговор со проф. д-р Жарко Бошњакович, снимен во Нови Сад, кадешто дел од членовите на Организациониот одбор на „Рацинови средби“ му го врачиле „Почесното Рациново признание за 2022“ година.
Во Велес денеска ќе се случат повеќе содржини кои се дел од вториот ден на културно поетската манифестација „59 Рацинови средби“ што ќе бидат свечено затворени, вечерва, со „Поетски митинг“ во Амфитеатар на Младински парк.
Убавка Јаневска