Традицијата продолжува: На велешки Мегдан денеска се јадеше посно бело гравче
Со традиционалното посно бело гравче, посните салати, ракија и вино на голема софра и годинава жителите на Мегдан, го одбележаа денот по Прочка, Чист понеделник. Традицијата што пред многу години ја започнале нивните дедовци и татковци, ја продолжија нивните синови и внуци. Имињата на Ѓорѓи Гајдов, Лазо Нојков, Перо Ивчев, Манасков и уште многу други, кои меѓу првите го започнале одбележувањето на овој ден, засекогаш ќе останат во сеќавањата на мегданчани.
„Овој празник е од големо значење за нас, тој е верата на македонскиот народ. Уште оваа традиција ни остана, и не смееме да дозволчиме да згасне. Тој не сплотува и не прави поблиски еден со друг и затоа ќе се трудиме секоја година овој празник да го прославуваме на достоиствен начин исто како што некогаш го празнувале нашите претци“, рече Ристе Ивчев.
Миризбата од белото гравче што се подготвуваше на улицата , на ќумбе на дрва, се ширеше низ целото маало. Тоа ги привлече не само мегданчани туку и соседите од другите маала да им се придружат и да го одбележат празникот. Мегданчанецот Тодор Иванов – Б`шката кој е задолжен за подготвувањето на вкусното гравче. Тој не ни ја откри тајната на мајсторијата , но рече дека досега никој не се пожалил, туку напротив сите побарале дупла порција.
„Веќе дваесет години јас го подготвувам белото гравче. Годинава ставив десет киллограми грав, лукче, кромид и други мирудии. На тивок оган се вари подолго време, а тоа го прави уште повкусен. Нема човек кој не ме пофалил за гравот, дури и еден поранешен градоначалник токлку многу му се допадна и ми рече дека ќе ја испрати сопругата да и покажам како се прави, но не дојде“, рече Иванов.
Манифестацијата Чист понеделник, што ја благослови свештено лице од велешкото намесништво на Повардарската Епархија, годинава немаше кум, туку ја организираше урбаната заедница заедно со општината. На софрата седна и градоначалникот Славчо Чадиев, а гравче пробаа и жители од другите маала на Велес.
Инаку Чист понеделник традиционално се одбележува и во Башино Село./Д.С